Citroen го претстави реинкарнираниот 2CV (Спачек)!

119

Приказната за легендарниот мал, економичен автомобил 2CV на Citroen, започна само неколку години по завршувањето на трауматичната Втора Светска Војна.

Попрецизно, моделот и беше претставен на јавноста во далечната 1948 година, а како модел се произведуваше до 1990 година, и во тој период од нешто повеќе од 4 децении се продаде во одлични 3,8 милиони примероци.

А премиерата, погодувате, се случила во 1948 година, на Саемот за автомобили во Париз.

Имајќи го тоа предвид, не треба да чуди, што реинкарнацијата на овој исклучително популарен ретро мобил, како концепт, кој треба да стане реалност од 2028 година, се случи повторно на Саемот за автомобили во “Градот на светлината”.

Инаку, во историјата моделот го доби своето име 2CV како кратенка од францускитр зборови – deux chevaux (или две коњски сили), иако во пракса првиот 2CV имал 6,6 kw или 9 коњски сили и бил генерално замислен да ги “моторизира” француските фармерски семејства.

Денешниот, нов, концептен 2CV во Париз беше претставен како четиривратен електричен хечбек, и мора да признаеме дека изгледа навистина забавно.

Иако од една страна е модерен и футуристички, со погон на струја, тој сепак задржува голем број на елементи од својот историски изглед, кои овој модел го направија еден од најавтентичните и најпродавани модели на Citroen.

Тука се испапчените предни светла поставени на предните крила, платнениот кров кој се повлекува наназад.

Во овој ретро аутфит, додадени се 19 инчни тркала, кои ги пополнуваат крилата и калниците, како ниту еден 2CV досега.

Ентериерот е едноставен , но не може да се каже дека во него се препознава буџетски пријателски настроен автомобил кој треба да чини околу 15.000 евра.

Од оригиналниот ретро дизајн, може да се препознаат и воланот со еден крак, како и менувачот на брзини кој излегува од просторот под воланот. Момент, на кој без дилеми ќе се чудат и споро привикнуваат возачите од новите генерации.

Но за разлика од оригиналот, овој менувач е врзан за електричен погон, не за дво цилиндричен мотор со внатрешно согорување.

Забележливо е дека во концептот се споени модерното (централен екран чувствителен на допир) со се’ почесто употребуваните физички копчиња и прекинувачи.

Во моментов нема споделени детали за капацитетот на батеријата или дометот, но истите сигурно ќе бидат подесени за да бидат конкурентни на конкурентот Renault Twingo кој има моќност од 81 коњски сили, и домет од 262 километри.

На крајот, иако генерално не сме големи фанови на враќањето во ретро водите и истото првенствено го цениме како обид да се совлада недостатокот на свежи идеи и креации, овој легендарен Француски автомобил, кој се произведуваше и продаваше и на нашиот заеднички Југословенски пазар, под надимокот Спачак, навистина ни се допаѓа.

Погледнете ја последната Епизода на Темпо Магазин :

Реклама