Американската компанија Тесла, беше првата компанија која ги воведе таканаречените “скриени” рачки на вратите, веројатно водени од паролата – “дизајнот пред функцијата“.
Нешто подоцна, оваа новина, беше усвоена и стана тренд кај голем број на производители на возила, особено електричните и оние кои се произведуваат во Кина.

Но, овие рачки на вратите, кои можеби изгледаат убаво и се повлекуваат во конструкцијата на вратата кога возачот и сопатниците ќе влезат во автомобилот, се чини дека се навистина опасни по живот.
Ова го препознаа Кинеските власти и без размислување донесоа закон со кој, од следната, 2027 година, овие рачки ќе бидат строго забранети.
Зошто?
Праксата покажа дека во неколку сообраќајни незгоди кои се случија во Кина минатата година, во кои дошло до опожарување на возилото, случајните минувачи не можеле да им помогнат на патниците, бидејќи не можеле да ги отворат вратите, а не успеале и навреме да ги скршат прозорците и да ги извлечат загрозените.
Дополнително, бидејќи рачките од овој тип се отвараат електронски, со притискање на копче во автомобилот, кога доаѓа до краток спој или пожар, автоматски се деактивира електричниот систем, а вратите не можат да ги отворат и патниците одвнатре.

Затоа во неколку случаи на кои се повикуваат Кинеските власти, ваквите пожари завршуваа со жртви.
Токму затоа новиот закон во Кина, бара автомобилите да имаат механички рачки од двете страни на вратата.















