Македонија и понатаму каска во процесот на електромобилноста

15

Во нашата земја, домашните власти, со години наназад, најавуваа воведување програма за директно субвенционирање на купувањето на електрични возила.

Со таква програма, логично, би се стимулирал процесот на електрификација на возниот парк, што пак директно треба позитивно да влијае на заштитата на воздухот и животната средина, со кои мака мачиме од кога паметиме.

Но… таква одлука официјално никогаш не се спроведе.

Субвенции како кеш грантови и исплати, со кои би се помогнало купувањето на електрично возило, никогаш не беа воведени.

За електричните возила eдинствено е донесена одлука да се укине, односно да не се плаќа акцизата, која сега се нарекува данок за моторни возила, и која има прилично комплицирана формула за пресметка и зависи од цената на возилото, емисијата на CO2…но во суштина кај дизел возилата во ценовен ранг од околу 15.000 евра, би се движела околу 6-8%.

Ако се земе предвид бројката на продадени електрични возила во Македонија, и вкупното учество од само 0,03% во вкупниот возен парк… јасно е дека во овој сегмент сме заковани на дното.

А каква е ситуацијата во соседството?

Србија

Во соседна Србија, на 1 Март, оваа година беше пуштена седмата рунда на субвенции за електрични возила.

Според Министерството за заштита на животната средина, веќе се примени 1.000 барања за субвенции, што е за пет пат повеќе од минатата година. Помеѓу барателитеа субвенции се физички и правни лица, лизинг компании па и државни претпријатии, а целата постапка за аплицирање е дигитализирана преку нивната (e-Uprava). Досега се веќе употребени околу 3 милиони евра за помош во купувањето на електрични возила, кое отприлика се движи до поддршка во купувањето од сериозни 5.000 евра.

Субвенции се предвидени и за електричните возила а две и три тркала од 250 до 500 евра!

Босна

И во Босна се предвидени субвенции. Истите се движат од околу 5.000 евра за електрични возила до 3.500 евра за купување на плаг-ин хибриди.

Албанија

Во Албанија нема кеш исплати за набавка на електрични возила. Но,верувале или не, за електричните возила во оваа земја се предвидени НУЛА или сериозно помали стапки на ДДВ (за илустрација – кај нас ДДВ-то за нови возила е 18%, што значи дека цените се автоматски за овие 18% подостапни од цените кај нас). Дополнително, овие возила се ослободени и од царина! Која кај нас варира во зависност од земјата на производство.

Локалните власти одобруваат субвенции за трошокот за електричната енергија за полнење, како и за инсталацијана домашни полначи, а постојат и други бенефиции за возилата на струја.

Логично, и во Албанија, оваа година се бележи пораст од 126% во продажбата на електрични возила.

Црна Гора

Во Црна Гора постои посебен Еко Фонд (Фонд за заштита на животната средина) преку кој се дефинираат годишни буџети, и со кој, купувачите а електрични возила може да добијат субвенции до 6.500 евра за набавка на лесно електрично возило.

Субвенции се предвидени и за лесните моторни возила, провете како истите се движат на следниот линк.

Хрватска

Иако можеби не е коректно да ја ставаме во ова друштво, бидејќи сепак е членка на ЕУ, вреди да се напомене дека во Хрватска постои сериозна програма преку која секоја година се даваат сериозни субвенции за наавка на возилата на електрична енергија.

Грција

Во Грција е воведена специјална програма  „I Move Electrically 3“ преку која возачите може да добијат субвенции за купување на електрично возило до 30% од вредноста на возилото (со максимална плафонска вредност од 9.000 евра).

Oпштиот животен стандард, немањето субвенции за набавка на електрични моторни возила, а да не ја заборавиме и мрежата за полнење во земјата, која е очајна, ја држи Македонија на дното во процесот на електрификација.

Останува само да се надеваме дека дел од оваа еуфорија во соседството, ќе ја мотивира и некоја наша Влада да се наврати на оваа тема и да го олесни овој процес што во Еропа незапирливо галопира.

Реклама