И Македонија почестена со високи царини од Трамп

227

По вчерашниот ден, кој го потресе меѓународниот свет на бизнисот, а Претседателот на САД, Доналд Трамп, го нарече “Ден на ослободувањето” на Америка, и Македонија заработи високи царински стапки од 33%!

Иако се шпекулираше дека поради блискоста на Владата на нашата земја со дел од администрацијата на Трамп, Македонија ќе биде поштедена од шокот, сепак реалноста излезе поинаква.

Во регионот во кој се наоѓаме, со 33% царина, Македонија е во групата на земји со највисоки царински стапки, заедно со Србија (37%) и Босна и Херцеговина (35%).

Од друга страна, Албанија и Косово, добија симболични стапки од по 10%.

Нашиот извоз, кон Америка, кој минатата година прокнижи вредност од 118 милиони долари ќе биде директно засегнат од оваа одлука на Трамп.

Дополнително, не може да очекуваме дека поради ниски царински стапки, кои неформално и беа најавувани по посетата на делегацијата на Мицкоски во Америка, би станале интересно место во кое дел од глобалните компании, особено од авто индустријата, би го дислоцирале своето производство.

И во случајот на Македонија, администрацијата на Трамп, ја користеше најавената реципрочна мерка, и воведените цариски стапки се на околу половина од стапките кои земјата ги применувала за Американските производи.

Реклама