Јасно е како ден, дека Volkswagen Групацијата, како и повеќето европски производители се наоѓа во исклучително тешка фаза.
Профитот вртоглаво паѓа, а компанијата и нејзините брендови го губат здивот пред повиталната и подинамична конкуренција.

Според последните информации, Волксваген разработува неколку сериозни планови за реструктуирање, кои првенствено предвидуваат затварање на погони и фабрики, пред се во Германија.
Според магазинот WirtschaftsWoche, високи функциониери во VW до 2034 година планираат затварање на четири германски фабрики (Емден, Цвикау, Хановер и Некарсулм – фабриката на Ауди), а ако овој план се реализира без работа ќе останат околу 40.000 работници.
Треба да се напомене дека Групацијата веќе усвои план за намалување на бројот на работници за околу 50.000 луѓе, на среден рок од Германија и уште околу 50.000 работници од остатокот во светот.
Па заедно со оваа новопроектирана бројка од 40.000 луѓе, доаѓаме до фрапантна бројка на откази за околу 140.000 работници!
Уште поважно се чини е и прашањето, дури и да се реализира овој план, дали Групацијата од Волфсбург ќе успее да се реорганизира и фати темпо со останатите конкуренти на светските пазари.













