Главниот дизајнер на Jaguar Land Rover, си заминува

211

Главниот дизајнер на Jaguar Land Rover, Гери МекГоверн, објави дека по 22 години верност, решил да си замине од својата позиција во компанијата, и да отвори сопствена консултантска куќа.

Истата вест беше потврдена и од менаџментот на JLR кои преку меморандум пратен до 32.000 вработени во компанијата, јавно му се заблагодарија на својот досегашен дизајнер и му посакаа среќа во неговите нови предизвици.

МекГоверн, во својата 22 годишна работа во JLR кој работи под капата на Индиската Групација TATA, беше особено познат и признат по воскреснувањето на Land Rover Defender и ја одржа популарноста на Range Rover палетата на возила.

Фото – JLR

Но ако се загребе малку повеќе под површината и куртоазните пораки, факт е дека зад името на Мекговерн, се крие и во најмала рака кажано контроверзниот проект Type 00 Concept.

Тој дизајнираше целосно електричен автомобил со две врати и со цена од 128.000 фунти, на чија предна хауба не беше поставен препознатливата дива мачка, а за промотивниот автомобил употреби светло розова боја, која ги фрапираше поконзервативните фанови на брендот.

Рекламната кампања и возилото во розева боја, налета на ножот на конкурентите, меѓу кои се огласи и Елон Маск, фрлајќи дрва и камења по оваа “woke” егзибиција. Розевиот автомобил, во негативен контекст го коментираше дури и Американскиот претседател Трамп.

Кон крајот на минатата година се проширија вести дека МекГоверн дури бил и отпуштен и придружен надвор од зградата од страна на обезбедувањето, но оваа вест беше демантирана од менаџментот.

На крајот, останува фактот дека МекГоверн го напушта дизајнерското кормило на Jaguar Land Rover, и своите идеи и креации ќе продолжи да ги работи за своја сметка, преку сопственото дизајнерско студио.

Реклама