Филмска кражба на супер скапоцени автомобили во Монако

154

Во европската престолнина на луксузот, градот-држава Монако, се случи сериозен инцидент кој ги вознемири Европските граѓани и ги запали црвените светла во Меѓународната полициска Организација за борба против криминалот – Interpol.

Во скандалот кој бомбастично беше пренесуван во сите поважни медиуми на нашиот континент, беше пријавена кражба на девет, супер луксузни и скапи автомобили.

Целата приказна започнува во Декември, 2025 година, кога адвокатот на поранешниот пилот на Formula 1, Адриан Сутил, пријавил во канцеларијата на јавниот обвинител во Штутгарт, дека на неговиот клиент, Сутил, му биле насилно одземени (украдени) девет автомобили од неговата гаража во Монако.

Флотата на Сутил од која запира здивот

Во ретката и скапоцена флота на Сутил, се наоѓал и уникатниот хипер автомобил – Koenigsegg Agera One:1 (eден од само седум произведени примероци во светот, чија вредност се проценува над 10 милиони евра).

Koenigsegg Agera One:1

Флотата ги вклучувала и следните “ѕверки”: Кoenigsegg Regera, Ferrari California, Rolls Royce Phantom, неколку примероци Lamborghini, Porsche и примерокот со веројатно најголемата сентиментална вредност – Меrcedes-Benz 600, кој некогаш му припаѓал на кралот на музиката – Елвис Присли.

Меrcedes-Benz 600 – на Елвис Присли

Вкупната вредност на украдените автомобили беше проценета на околу 17 милиони евра.

Ferrari California

Парамилитарната Руска група Вагнер, клучна во кражбата

Според пријавата, драмата започнала откако Сутил, започнал да добива телефонски повици од лице кое се идентификувало под името “Владимир”.

“Владимир”, за кој се шпекулира дека бил истакнат претставник на парамилитантната организација Вагнер, истата онаа која му подготвуваше воен удар на Путин во јуни 2023 година, испратил јасна порака – Веднаш да ги предадете возилата, инаку…ќе летаат глави!

Неколку дена по телефонскиот повик, пред домот на Сутил се појавила група на “жестоки момци” кои со директни физички и закани по животот, ги натерале членовите на семејството на Сутил, без поголем отпор да ги предадат скапоцените автомобили.

Автомобилите биле натоварени и однесени во непознат правец.

Има ли Сутил замешаност во оваа афера?

Треба да се напомене и тоа дека Адриан Сутил, кој својата слава и пари ги стекна во времето кога возеше за Формула 1, во тимовите на Spyker, Force India и Sauber, и самиот, е прилично контроверзна личност, за која се врзуваат и повеќе нелегални активности и афери.

По завршување на кариерата овој спортист отворил сопствена галерија за луксузни автомобили во која циркулирале најскапите и најлуксузни автомобили на светот.

Но, во минатата година, во Ноември, Сутил бил предмет на сериозна полициска акција во која му биле запленети 20 автомобили во галериите во Германија, Швајцарија и Монако, а и самиот завршил зад решетки, под сомнение дека учествувал во криминални активности поврзани со финансирањето на луксузни автомобили.

Се шпекулира дека тој се поврзал со Руската Група Вагнер и од нив побарал заштита за преостанатите возила, и сакал да ги спаси од запленување.

Но, овој договор, како што обично бидува во светот на подземјето, налетал на некакви пречки. Најверојатно Сутил, не можел или не сакал да ги исплати руските криминалци за “услугата” по што започнале да пристигуваат закани, а на крајот и насилното одземање на луксузните автомобили.

Втората теорија е дека кражбата е инсцениран театар од страна на Сутил, за да го избегне запленувањето на автомобилите од законските власти.

Интерпол со полни раце работа

Имајќи ја предвид меѓународната природа на аферата, целиот случај е превземен од Интерпол, кој веќе се обидува да постапи по барањето на полициските власти од Германија кои од Монако бараат испорачување на Сутил, за судење во врска со финансиските малверзации и криминал.

Во меѓувреме, пристигната е информација дека само едно од предметните возила е пронајдено. Се претпоставува дека останатите осум се веќе префрлени во Русија, некоја друга Источно европска земја, или на Блискиот Исток каде веројатно ќе им се изгуби трагата и ќе завршат во некој колекционерски подрум или гаража, скриени од окото на јавноста.

Тоа најверојатно ќе се случи и со уникатниот Koenigsegg Agera One:1 бидејќи овој автомобил едноставно не можете да го возите и да остане скриен од законот и властите, но може како скапоцено богатство, редок примерок да биде гордост на некој фанатичен колекционер или шеик.

Како и да е, предметот останува отворен, сеуште нема приведени по основ на истиот, а ниту еден од поважните автомобили сеуште не е пронајден.

Реклама