Еве ја новата “Седмица” на BMW!

421

Баварскиот гигант BMW го претстави официјалното дизајнерско ретуширање, или популарно кажано, освежување на својата BMW Series 7 и сосема логично, привлече големо внимание кај фановите и јавноста.

Зошто е овој редизајн, значаен за брендот?

Прво и основно, седанската изведба на BMW Series 7 постои од далечната 1977 година, што значи дека во светот на луксузот, вози полни 49 години. А овој временски “багаж” има огромно значење за брендот и автоиндустријата воопшто.

Второ, како врв во понудата, како знаменосец во брендот, новата “Седмица” покажува како новата технологија која доаѓа од новиот концептен правец “Neue Klasse”, очигледно ќе се имплементира во сите модели во палетата на BMW.

Oна што може да се забележи е дека возилото и понатаму ќе ја користи постарата CLAR платформа, која е адаптирана да ги понесе конвенционалните мотори со внатрешно согорување (бензин и дизел) како и новите електрични мотори. По ова новата Седмица се разликува од другите два модели на Новата Класа, i3 и iX3.

Нов, но не радикално изменет екстериер

Надворешно, најсериозните промени доаѓаат во предницата, каде добиваме за нијанса потесна осветлена маска, со решетки кои се поставени хоризонтално (не вертикално).

И позиционите светла се ултра тенки, а вистинските предни светла мали и речиси скриени во предните всисови на воздух.

Новини во ентериерот

Oд Новата Класа, Series 7, ги добива Панорамскиот iDrive на BMW, кој веќе го запознавме кај i3 и iX3, кој ја промовира проекцијата по целата широчина на предното стакло, кое уште се вика и Panoramic Vision, засилен со централниот дисплеј со големина од 17,9 инчикој лебди во предниот дел.

Како стандардна опрема, дисплеј со полна линија на забавни апликации добива и совозачот, со проекција на екранот која се губи, ако внатрешната камера примети дека возачот го губи фокусот од патот.

Впечатоците и мислењата за екранот за совозачот се поделени, бидејќи некои на него гледаат како да е некако “неприродно насаден” на своето место.

На задните седишта, добивате цело кино, со 8К екран чувствителен на допир, со големина од 31.3 инчи, на кој можете да гледате филмови, држите состаноци на Zoom.

Веројатно најзначајното “позајмување” од автомобилите на Новата Класа е комплетно новата електронска архитектура, во која се вмрежени 610 метри на кабли.

Секако, сериозната промена дополнително доаѓа под патосот, каде се смесетни новите цилиндрични батериски ќелии од шестата генерација со капацитет од 112.5 kWh.

Моделот со моќност од 536 коњски сили (400 kW) i7 60 xDrive сега нуди автономија од 563 километри со полна батерија, а од 10 до 80 проценти се полни за само 28 минути.

Сосема логично, како и кај сите модели од оваа класа и кај Седмицата, ќе најдете сериозна палета на системи за асистенција на возачот кои се грижат за неговата безбедност и комфор и кои во својата работа ја користат вештачката интелигенција.

По премиерата, на 22.04.2026 година, моделот набргу, во месец Јули, оди во сериско производство.

Реклама