Одлична забава за сите F1 фанови

254

Долго очекуваниот филм под “полн гас” и високи вртежи, со Бред Пит во главната улога – “F1” веќе е во кината кај нас и во светот и добива одлични коментари, особено од фановите на oвaa витешкa борба на луѓето и машините.

Филмот за арената наречена F1, сниман во сезоните 2023 и 2024, во која епизодно се појавуваат и Алонсо, Ферстапен и Хамилтон, остварува одлични резултати и приход на бокс офисот, а и оценките на најпопуларните видео канали и веб страни е прилично добар.

Режисер на долгоочекуваниот хит е Џозеф Косински, кој беше одговорен и за хитот Top Gun Maverick, со Том Круз.

Приказната, која е измислена и не е базирана на реални ликови и дела, се врти околу тркачот “во години” Сони Хејс, кој некогаш бил сметан за најперспективниот млад возач во Formula 1. Соништата на бестрашниот F1 гладијатор Сони, ги урива страшна незгода на тркачката патека, по која Хејс влегува во вител на лоши одлуки и проблематичен животен стил исполнет со сите можни пороци.

30 години подоцна, остарен, но сеуште активен во тркачкиот свет од понизок ранг, трагајќи по врвното адреналинско уживање, Сони се сретнува со неговиот стар пријател од F1, сопственик на Ф1 тим во проблеми (го глуми Хавиер Барден), кој го убедува да се врати на патеките и да му помогне да ја спаси сезоната и да го профилира врвниот млад талент Џошуа, возач од неговата екипа кој се мачи да го докаже својот квалитет.

Се разбира, дел од вистинските актери во Формула 1, критикуваат делови од филмот, главно поради неговата неавтентичност и нереалност, веројатно заборавајќи дека првенствената задача на филмовите е да ја забавуваат публиката.

А за тоа, бидете сигурни. Одлична кинематографија, одлични снимки, врвна музика и коректна глума од сите актери.

Ако го сакате F1 светот – не пропуштајте!

Реклама