Технологијата на BYD Atto 2 DM-i

176

Полека доаѓаме до дел од клучните поенти во оценувањето на Кинескиот BYD Atto 2 DM-i кој одлично се продава во Италија.

А тие, клучните поенти се, логично, поврзани со цената, технологијата и погонот.

За цената веќе пишувавме во претходните статии. Истата во Италија почнува од 23.900 евра, која е навистина атрактивна цена за еден ваков компактен SUV / кросовер. Особено ако се земе предвид дек во Италија, сибвенциите се главно поврзани со факторот 0 емисија, т.е. се одобруваат само за целосно електрични автомобили.

Атрактивноста на понудата, веднаш ја препознаа компаниите и рент-а-кар фирмите кои сериозно ја засилија својата флота со BYD Atto 2 DM-i, па како што веќе напишавме овој модел го направија знаменосец во понудата на Кинески BYD, а во месец Јули и трето најпродавано возило на Италијанскиот пазар.

BYD Atto 2 DM-i, Кинезите уште го нарекуваат и Супер хибрид.

Супер хибрид е кованица која доаѓа од Кина. Со неа, производителите како што се BYD, Geely, Chery… сакаат да ги идентификуваат возилата кои имаат поголема батерија и поголема автономија на возење на струја од класичните хибриди.

Која е разликата помеѓу хибрид и плаг-ин хибрид?

Хибридот не се полни на полнач на струја. Тој постојано работи на бензински погон. При возењето на бензин, преку малиот електромотор се полни и батеријата од која возилото користи електрична енергија за возење, но најчесто при ниски брзини. И притоа дометот на електрично возење е мал и изнесува само неколку километри.

А плаг-ин хибридот се полни на полнач. Со полна батерија се минуваат, повеќе од хибридниот автомобил, од 30 до 50 километри (зависно од моделот и начинот на возење). Бензинскиот мотор е тука за да се активира при возење на автопат, кога се потребни поголема моќност и напрегање.

Што е тогаш Супер Хибрид?

Во оваа приказна, доаѓа и Супер хибридот, кој претставува напредна, усовршена форма на плаг-ин хибридите, и кој како примарен извор на енергија ја користи струјата и електричниот погон. Како што велат во BYD разликата со постарите плаг-ин хибриди е што конвенционалните се базираат на бензинскиот мотор како главен извор на енергија, а кај Супер Хибридите со DM-i возилото најголемиот дел од своето патување ќе го прави на струја.

Приклучкот за полнење на батеријата кај BYD Atto 2 DM-i е поставена на десната страна напред, додека резервоарот за бензин е на задната лева страна.

Супер Хибридот на BYD

Кај BYD со терминот супер хибрид се дефинира токму моделот Atto 2 DM-i (инаку кратенката доаѓа од зборовите – Dual Mode-intelligent), кај кој се спарува електричниот систем со 1,5 литарскиот бензински мотор.

Кај него, електричниот мотор, кој генерално се полни на полнач на батерија би требало да го обезбеди најголемиот дел од возењето низ град, а бензинскиот мотор од 1,5 литри, треба да служи само како генератор на струја и да ја полни тенката блејд батерија (Blade Battery).

Значи, електричниот мотор ги движи тркалата цело време, а батеријата ја испорачува потребната енергија за целиот ден возење.

Бензинскиот мотор генерира струја, со која се дополнува батеријата, што значи дека е смислен и поставен само како продолжувач на дометот на возилото (range extender) и благодарение на него Аtto 2 DM-i може да достигне домет до 1.000 км.

Бензинскиот мотор со внатрешно согорување исто така, може да се активира и при возење надвор од градот, кога е потребно повеќе сила и моќност.

LFP (литиум железен фосфат) батеријата пак, треба да обезбеди доверливо работење и околу 5.000 циклуси на полнење, што во превод би значело дека ако секој ден го полните вашето возило, батеријата треба да издржи околу 13 години, иако официјално батеријата има 8-години или 250,000 km гаранција.

И со оваа комбинација на фактори Кинески BYD одлично се додворува до европските возачи.

Се надминува стравот и скепсата околу електричните возила (главно поврзани со дометот на возилата и сеуште недоволно развиените мрежи за дополнување на струја во батеријата), се користат предностите на хибридната технологија, но се користат и сите предности на електричното возење (пред се во заштедата на пари за гориво).

Притоа, не треба да стравувате дали ќе најдете полнач на струја, затоа што секогаш како бекап го имате и бензинскиот мотор. А кај супер хибридот, ако сакате, секако, можете да возите и само на бензин (иако тогаш, нема да можете да го црпите бенефитот на економичното возење).

Се на се’… одлична комбинација на фактори кои ги препознаваат европските возачи и уште еднаш само го потврдуваат стравот на европските производители на возила, дека времето на BYD допрва доаѓа .

Реклама