Tретиот ден со BYD Atto 2

83

Третиот ден дружба со Кинескиот BYD Atto 2 DM-i не однесе на фамозната плажа во Сардинија, Ла Пелоса.

Плажа како на туристички разгледници. Со тиркизна сина боја и бел, ситен како брашно песок. Имавме среќа да резервираме и да си купиме влезници за плажата, бидејќи истата е од затворен карактер и во чии убавини може да уживаат само 1.500 луѓе дневно.

Но кога ќе стапнете на неа, навистина се исплати целиот ангажман и наратив кој Италијаните го градат околу оваа фантастична плажа.

Од Алгеро до Ла Пелоса, има неколку рути, кои се долги околу 60 километри, па со нашиот тест автомобил избравме две опции, едната на одење највеќе по автопат, а втората, на враќањето, по тесно, регионално, но пристојно патче.

И во двата правци нашиот Atto 2 се покажа сосема коректно.

Возењето комфорно за сите, и за оние напред и оние одзади… но останаа само забелешките од претходниот пост – пречувствителниот систем за одржување во коловозната лента кој се активира некогаш и непотребно, сложениот екран чувствителен на допир, кој знае да ви го одземе вниманието од патот…

Другото, се беше коректно.

Како се продаваат BYD и BYD Atto 2 во Италија?

Впрочем, не очекувавме ништо поинаку, бидејќи овој автомобил, со дуален мод (плаг ин хибрид и резервоар за безоловен бензин) прави вистински дар-мар во Италија.

А сето тоа не може да е случајно… нели?

Новиот BYD DM-i се чини дека перфектно ја пополнува “дупката” кај Италијанските клиенти. Изгледа солидно, има високо седење, спаѓа во категоријата на мали, компактни SUV или кросовери, има одлична цена што почнува од 23.900 евра и има многу опрема.

А Италијанските возачи секогаш ја следеле максимата, да купуваат максимална вредност за вложените пари.

Она што веројатно е уште позначајно е дека со овој модел BYD директно се обраќа до оние купувачи кои сеуште се скептични или не се подготвени да одат комплетно на струја (од многу причини).

Со овој модел кој работи на струја (плаг-ин) но и има сериозен резервоар на безоловен бензин, се нуди домет од околу 1.000 километри!

И… како резултат на тоа, на еден сериозен автомобилски пазар, како што е Италијанскиот, BYD Atto 2 DM-i овој Јуни се искачи на високото трето место по продавани модели на пазарот.

Од моделот BYD Atto 2, бидејќи има и целосно електрична варијанта, дури 96% од продажбата во овој месец дојде токму од плаг ин хибридниот модел Atto 2 DM-i.

Toкму овој модел му носи на BYD во Италија огромен раст. Брендот, заклучно до јули продаде 33.973 патнички возила, што во споредба со минатата година претставува раст од 195%!

Од BYD велат дека сега, секој четврти купен плаг-ин хибрид ја носи значката Atto 2 DM i во Италија.

Дополнително, BYD за прв пат се искачи на топ 10 листата во Италија со маркет шер од 3,2% на пазарот, споредено со оној од минатата година – само 1,18%.

А за погонот, нешто повеќе во следниот пост…

Реклама