На почетокот на годината главниот дизајнер на Jaguar Land Rover, Гери МекГоверн, објави дека по 22 години верност, решил да си замине од својата позиција во компанијата, и да отвори сопствена консултантска куќа.
Во тие моменти се ширеа шпекулации дека МекГоверн, воопшто не си поднел оставка, туку дека бил отпуштен поради контроверзната кампања за лансирање на новиот Type 00 Concept, кој наиде на нож на поконзервативните купувачи и беше оквалификуван како дел од “woke” движењето.

Повеќе за целата оваа драма прочитајте на нашиот претходно објавен пост.
Месеци подоцна, МекГоверн, во интервју за Аутокар изјави дека во тоа време тој немал поим за тоа што значи “woke” и сите напади се должат на сосема погрешно толкување на нивната идеја.
Основното мото на кампањата, според него, била да се покаже дека Jaguar е посебен, и како бренд не копира никого и ништо.
Затоа во промотивниот филм биле искористени ликови кои не личат на никого и ништо.
Но спотот бил пречекан агресивно од Елон Маск, па дури и од Американскиот претседател Трамп, кои го обвиниле брендот за “woke-изам”, движење кое во тоа време најчесто било поврзувано со движењето за подобрување на правата на LGBTQ+ заедницата.
Масло на огнот додаде и кампањата во која концептот Type 00 Concept беше претставен со розева боја на каросеријата.
За ова, МекГоверн, повторно тврди дека е целосно извадено од контекст и нема врска со пропагирање на некакви политички ставови и идеи. Напротив, според него, идејата за розовата боја била да се избере како синоним за градот во кој одиме – Мајами. А што е карактеристично за Мајами? Розови фламинга, арт декорации, пастелни бои…

Силната реакција на јавноста, според МекГоверн, предизвикала компанијата да ја запре за момент својата кампања. Биле откажани многу спотови и креативни решенија, кои биле подготвени но не го дочекале светлото на денот.
Kaко и да е… МекГоверн, по 22 години активен придонес, си замина (или остана без работа) во Jaguar, Type 00 concept полека оди во производство како електричен модел Type 01, а дали целиот публицитет предизвикан од овој циркус, ќе му донесе бенефит на брендот, останува допрва да видиме.













