Ситуацијата станува толку сериозна, што Volkswagen издаде драматично предупредување до своите клиенти, да внимаваат, да не наседнуваат на хакерски трикови и да си ги чуваат своите пари од измамници.
Во деталната елаборација на проблемот, Volkswagen предупредува дека се алоцирани голем број на вештачки сајтови, на кои се нудат и продаваат пред се’ користени автомобили.
Цените на автомобилите на овие “фејк” сајтови се исклучително ниски, и најчесто повикуваат на моментална акција – што значи плаќање на капар или на целата сума на автомобилот, за кој постои огромен интерес и многу заинтересирани купувачи. А откако клиентот ќе ја уплати бараната сума, логично, ниту трага ниту глас од продавачот, уште помалку од автомобилот.

Овие сајтови многу често го користат корпоративниот дизајн на автомобилските брендови и најчесто се претставуваат како официјална страна на брендот, во конкретниот случај на Volkswagen … што воопшто не е точно.
Како што потенцираат луѓето во Volkswagen, нивната компанија воопшто не им продава користени автомобили на крајните корисници, туку тоа го прави најчесто преку овластени дилери и застапници.
Измамите се главно забележани во Германија, Австрија и Швајцарија.







