Светска премиера – новиот VW T-Roc

115

Осум години по своето деби, популарниот T-Roc, SUV кросоверот на Volkswagen добива нова свежина во крвта. Добива поголеми димензии, поагресивни линии и сосема нов ентериер.

А она што е ново за целиот бренд од Волфсбург, е што кај новиот T-Roc покрај благите хибриди, се вградуваат и мотори со класична хибридна технологија.

Во атрактивната палета на Volkswagen во Европа, новиот T-Roc сега се позиционира помеѓу помалите Taigo и T-Cross и поголемите модели Tiguan и Tayron.

Дизајнот на предниот дел на новиот Т-Roc е инспириран од дизајнот на електричните автомобили во рамки на брендот.

Традиционалната маска е заменета со новите дизајнерски елементи и секако светлечките лед ленти по целата должина на предницата, како и осветленото лого во средината.

Странично, автомобилот изгледа агресивно, а поради закривеното задното стакло, наликува и на атрактивно купе. За спортскиот впечаток, дополнително влијаат и новите спортски алуминиумски тркала, кои може да се изберат во големина до 20 инчи.

Во должина, новиот T-Roc сега е 4.373 mm, за 122 мм повеќе од претходниот модел.

Контролната табла, наместо пластика содржи материјали од ткаенина, а по целата должина на предниот дел е пространо и амбиенталното осветлување.

Во средината е поставен инфотејнмент екран со големина од 10,4 инчи или 12,9 инчи, зависно од нивото на опрема.

На него, се надополнува и дигиталната инструмент табла со големина од 10 инчи, како и хед ап дисплеј, кој може да се порача како опција.

Мотори

Понудата на мотори вклучува две mild-hybrid верзии на 1.5-литарскиот eTSI мотор.

Основната верзија развива моќност од 116 коњски сили (85 kW) и вртежен момент од 220 Nm, додека посилната варијанта испорачува 150 кс (110 kW) и 250 Nm.

Двата мотори се со седум степен DSG менувач и систем од 48V кој може на возилото да му додаде уште 19 коњски сили (14 kW).

Првиот full-hybrid систем, за прв пат во групацијата ги комбинира 1.5 литарскиот TSI evo2 со електричен мотор и литиум јонска батерија која е сместена под задните седишта.

Достапни се две верзии, со моќност од – 136 коњски сили (100 kW) или 170 кс (125 kW), двата со вртежен момент од 306 Nm.

Испораките на моделите се најавени за Ноември.

Реклама