Продукт менаџерите од Peugeot, решија на своите клиенти кои имаат миленици да им подготви специјална серија на автомобили со бројни прилагодувања и додатоци кои ќе им го направат животот полесен и на сопствениците и на нивните миленици.
За таа цел, креиран е моделот Peugeot E-5008 Dog Edition, кој како концепт е изведен од призмата и очите на милениците.

Концептот е дизајниран со специјална шема на бои во ентериерот, согласно визијата на кучињата. Искористени се смирувачки тонови на сина боја, со фрагменти на стимулирачка за кучињата, жолта боја.
Материјалите во ентериерот се меки и спречуваат лизгање, а сето тоа треба да го направи патувањето на кучињата покомфорно и поудобно.

Интересен е таканаречениот модуларен душек, кој треба да обезбеди комфор но и да ги собере влакната на миленикот, а се монтира на задните седишта или во гепекот.
Бидејќи многу кучиња сакаат да ја извадат главата од прозорецот кога патуваат, за таа цел е направено и специјално перниче кое едноставно се монтира на прозорот, и му дава можност на кучето да ужива во глетката и во идобниот наслон за глава.
Како хајлајт на концептот е и специјалниот звук кој автомобилот може да го емитира, за да го повика изгубеното куче назад, и откако ќе го препознае да му помогне повторно да влезе во возилото.

Возилото е опремено и со Dog Guardian Mode, со кој можете да застанете до продавница или бензинска пумпа, а додека е кучето внатре, благодарение на системот за одржување на пријатна атмосфера да не се плашите за кондицијата на вашето куче.

А ако воопшто се прашувате зошто Peugeot минал толку многу труд за да го направи животот на милениците поудобен, треба само да го имате предвид податокот дека според статистичките податоци само минатата година, Американците потрошиле фантастични 157 милијарди долари на своите крзнени пријатели.
Логично, и автомобилските компании сакаат да “штрбнат” дел од овој сериозен колач.















