Mercedes Vision V. Вака ќе изгледаат луксузните комбиња

282

Меrcedes Benz, на Саемот за автомобили во Шангај, Кина, го претстави концептот Vision V, кој треба да ни даде базично интро за тоа како ќе изгледаат луксузните комбиња на иднината.

Според луѓето од Mercedes, со овој концепт, личното приватно транспортно возило се трансформира во луксузен, блескав и повеќенаменски лаунџ кој на патниците ќе им даде сосема ново доживување во возењата.

Со концептот Vision V, е претставена новата Van Electric Architecture (VAN.EA) (ван електрична архитектура) која е модуларна, флексибилна и прилагодлива, а ќе означи почеток на нова ера во идната 2026 година.

Портфолиото на модели ќе варира и ќе почнува од сосема обично семејно транспортно возило, до ексклузивен VIP шатл со многу простор и многу опции за уживање на VIP патниците.

Велат дека за убавината и вкусот, не се зборува.

Но надворешно, ова ново футуристичко чудо на тркала и не импресионира. Напротив делува некако гломазно и недефинирано, иако не е исклучено дека во процесот на дизајнерско дотерување пред сериското производство, новиот Van ќе добие сосема поинаква физиономија.

Но кога преку лизгачката странична совозачка врата (портал) кој се повлекува наназад, ќе влезете во внатрешноста на Концептот Vision V, претставен во Шангај, приказната е сосема поинаква.

Футуристички дизајн, ергономски седишта од иднината, држачи, кристални полици како во најлуксузните лимузини, многу електроника, екрани и гаџети, а и самиот ентериер може физички да се одвои на два дела – оној за возачот и оној за патниците, кои во претставениот top-of-the-line концепт, несомнено треба да бидат исклучително битни VIP личности

Огромниот екран кој се постила пред патниците во задниот дел, може да послужи за многу намени, гледање видеа, филмови, а со помош на контролер и играње на омилените видео игри.

А доколку патниците сакаат друг вид на занимација, на располагање имаат и сопствен склоплив шах со кристални фигури.

За подолги релации ергономските седишта може да се трансформираат и во удобни кревети.

Реклама