Ќе ги преживее ли Германската автоиндустрија царините на Трамп?

453

Европската, а пред се Германската автоиндустрија е во грч подолг временски период. Но по цунамито кое го предизвика администрацијата на Трамп со воведување на новите царини, легитимно е прашањето, дали е истата способна да ја преживее новата реалност?

Нема никакви дилеми дека воведените и веќе стапени на сила царини во САД од огромни 25% проценти за сите автомобили кои не се произведени на Американско тло, претставува голем шок за сите производители во светот.

Но зошто е ова особено голем шок за Германската автоиндустрија?

Според Асоцијата на Германските Производители на Автомобили (VDA), минатата година во САД биле извезени производи во вредност од речиси 37 милијарди евра!

Само VW, мината година испорачал 380.000 возила во САД, што претставува околу 8% од вкупната продажба во 2024.

Ако овие автомобили, до пред неколку дена имаа царинска стапка од 2,5%, сега добиваат нови царини во вредност од 25% што логично, ќе предизвикаат сериозно поскапување на автомобилите.

Ваков шок во цената, тешко дека ќе може да проголтаат и Американските граѓани.

Но дали повисоките царини ќе ја постигнат целта на Трамп?

Дали повисоките цени на автомобилите произведени надвор од Америка, ќе ги направат поатрактивни домашните автомобили?

Тешко дека оние кои ги преферираа премиум автомобилите на Mercedes-Benz, BMW, Audi, VW… ќе се свртат на Ford и Chevrolet.

Од друга страна Европските фабрики, привремено ги запреа своите испораки на нови контингенти возила кон Америка, едноставно, не можејќи да предвидат колку ќе биде силна реакцијата на купувачите на фактот што цените на нивните возила ќе пораснат од 5.000 до 10.000 долари во просек. Кај некои модели од премиум сегментот, се очекува цените да се зголемат и до 50.000 долари.

Истовремено,дел од неамериканските брендови подготвуваат кампањи во кои на своите купувачи, презентирајќи ја цената, јасно и јавно ќе им ја посочуваат и сумата под името – увозни такси, за да се знае дека причина за поскапувањата не се тие, туку нивната сопствена Влада.

Ќе успее ли политиката на Трамп да предизвика префрлање на производството во Америка

Според офиијалните податоци, големите Германски производители VW, Mercedes и BMW, во своите фабрики во Америка, само минатата година произвеле околу 900.000 автомобили.

Но, со воведените царини, и овие фабрики нема да останат имуни и недопрени, бидејќи голем број на компоненти и авто делови, доаѓаат од друг земји, а и тие ќе бидат опфатени со стапката од 25%.

Свои фабрики во Америка веќе имаат и голем број на Германски производители на делови и опрема како што се BOSCH и CONTINENTAL.

Попрецизно, на 2.110 локации во Америка, работат Германски фабрики, кои вработуваат 138.000 луѓе.

Логично е да се очекува дека ако останат царините на Трамп, бројката на фабрики на Германските производители ќе се зголемува, но подеднакво логично е да се очекува дека бројот на фабрики, а со тоа и на работници на домашно тло, во Германија, ќе паѓа.

Јасно е дека новата влада на Мерц, која сеуште се преговара зад кулисите, ќе има полни раце работа да ја спаси ионака грогираната Германска авто индустрија, а допрва се очекуваат и нејзините контрамерки.

Реклама