Авто слалом во Кичево

1029

Изминатиот викенд, (06-07 јуни, 2026 година), фановите на автомобилизмот во нашата земја, имаа можност да учествуваат, и секако, да проследат, уште еден интересен настан, во организација на Националната Федерација за историски возила на Македонија.

Во овие два возбудливи денови се одржаа вториот и третиот официјален авто слалом, на кој се тестираа вештините, фокусот и брзината на возачите на таканаречените, историски возила во неколку класи.

Инаку, слаломот се одржа на легендарната кружна патека во “старата Касарна” во Кичево, култното место, на кое во минатото се одржуваа многу легендарни трки и соочувања на нашите најпопуларни возачи.

По завршувањето на настанот, го добивме и пренесуваме и следното соопштение од нашиот пријател, легендата на македонскиот автомобилизам, Мојсие Милосавлески, кој воедно е и Претседател на Федерацијата.

“Во одлична организација на клубот Класика Прилеп, пред многубројна публика изминатиот викенд на воениот полигон во Кичево се одржаа вториот и третиот TSD авто слалом натпревар со историски возила, како дел од предвидените натпревари од годинешниот календар на Националната федерација на историски возила.


На натпреварот, со своите олдтајмери беа пријавени и учество земаа околу 40тина возачи кои настапуваа преку различни клубови од повеќе градови од Македонија.


На свеченото отворање присуствуваа градоначалникот на Кичево Д-р Александар Јовановски и пратеникот Ѓорѓија Сајковски, кои со пригодни говори се обратија пред натпреварувачите и присутната публика, при тоа истакнувајќи дека патеката на воениот полигон треба да прерасне во модерен автодром каде ќе се негува автомобилизмот и патека на која сите македонски автомобилисти ќе имаат можност да тренираат и да се натпреваруваат.


Од нивна страна беше потврдена желбата и заложбата на Владата и Министерство за спорт во однос на решавањето на долгогодишниот проблем со другата Автомобилистичка федерација, каде што на македонските возачи и клубови им се оневозможува да настапуваат со македонски лиценци, како и проблемот кој значи долги години немање и неодржување на натпревари и национален шампионат во автомобилизам се со цел враќање на автомобилите на спортските патеки и враќање на македонските натрпреварувачи кои возат со странски лиценци, во матичните, домашни, македонски автомобилистички клубови.

Со Милосавлевски, во некој од следните денови, подготвуваме и специјално интервју во кое, “од прва рака” ќе дознаеме за целата состојба и премрежија во кои “функционира” македонскиот автомобилистички спорт во земјата.


Реклама