Златното момче на Хрватска. Балканскиот Елон Маск

232

Со само 35 години, роден е на 12 февруари 1988 година во Ливно, Босна и Херцеговина, Хрватот Мате Римац го живее својот сон.

Тој веќе изгради мултимилионска империја, концентрирана на и околу конструирањето на електрични автомобили и на себе го сврте вниманието и парите (инвестициите) на најголемите европски, па и Азиски авто брендови.

Неговиот хиперавтомобил на електричен погон Nevera е редовна топ вест на специјализираните автомобилистички и бизнис магазини, а харизматичниот Хрват неодамна ги угости и најголемите функционери на Европската Унија кои сакаа лично да го запознаат вундеркиндот од “малата” но чудесна Хрватска.

Мате Римац, заедно со своето семејство со Хрватско потекло, емигрирал од Босна во Германија на само 2 години, а во своите тинејџерски години се вратил назад во Хрватска.

Својата животна приказна почнал да ја “брка” на само 19 години, кога во обична гаража ја конвертирал својата BMW “тројка” и од неа направил електричен автомобил кој подоцна урна и неколку рекорди во светот на електричните автомобили.

На 23 години го имаше и својот суперавтомобил на електричен погон наречен Concept One.

А неодамна го лансираше и првиот хиперавтомобил во своевидно сериско производство – Rimac Nevera.

Rimac – Bugatti

И покрај брзо стекнатата светска слава, Римац и неговите бизнис партнери ја возбудија и изненадија јавноста кога ја објавија сензационалната вест дека Римац Аутомобили (така се вика официјално компанијата на Мате) станува доминантен сопственик во новата компанија Rimac-Bugatti.

Учеството на Римац во новиот конгломерат е 55%, а 45% од акциите му припаѓаат на Porsche (кој учествува во име на Volkswagen).

Зошто VW му го предаде Bugatti на Римац?

Постојат голем број теории и анализи, зошто Volkswagen, на овој или оној начин се откажа од своето активно учество и финансирање во Францускиот бренд на суперспортски автомобили Bugatti.

Едно од најреалните толкувања е – потребата на Volkswagen да ги напушти авантуристичките проекти на претходното раководство, кои од брендот редовно цедеа (испумпуваа пари).

Според одредени информации, VW во Bugatti од моментот на неговото превземање (1998 година) има впумпано 2,4 милијарди долари. А одредени податоци велат дека на секој Veyron, компанијата губела по 5 милиони долари.

Зошто тогаш и понатаму би се инвестирале огромни пари во брендот, кој освен имиџот, не носи некои позначајни резултати? Особено имајќи предвид дека автомобилите сега треба да воведат електрични мотори и технологија, проект кој секако тежи нови стотици милиони евра.

Според одредени информации, Rimac понудил да го развие новиот Chiron, со проект во вкупна вредност од околу 240 милиони долари, на што Volkswagen го изградил и надградил својот предлог – наместо да го финансира развојот, да му понуди на Хрватот спојување (merger).

Според официјалните податоци, новиот бренд Rimac-Bugatti, ќе продолжи да ги конструира автомобилите одделно. Bugatti во Молсхајм, Франција, а Rimac автомобилите во новопроектираниот кампус на Rimac Automobili во Загреб.

Новиот “Кампус” на Римац во Загреб

Амбициозниот проект на Rimac Automobili предвидува изградба на кампус, во кој ќе бидат лоцирани новиот производен комплекс со површина од 72.000 метри квадратни, одделот за истражување и развој, музеј, тестни стази… но и нешто што навидум нема врска со авто индустријата – органско производство на храна, животни и градинки.

Притоа, Римац ветува максимална отвореност на комплексот за сите фанови и посетители. Отвореност каква што не нуди ниту еден друг производител на автомобили.

Според расположливите информации новата централа на Римац Аутомобили се очекува да биде завршена во 2023 година.

Од каде финансиската моќ на Римац?

Ако не сте во тек со случувањата веројатно ви се чини и апсолутно фантастична оваа приказна во која иноваторот и претприемач од Хрватска, влезе во вакви гломазни финансиски проекти.

Парите секако не доаѓаат од директната продажба на неговите електрични хиперавтомобили.

Создавајќи го својот електричен хиперкар, Римац изгради огромна индустрија која во моментов тежи околу 2 милијарди долари. Се работи за неговата технологија на електрична пропулзија, со високи перформанси, која ја купуваа од него 15 најзначајни производители на возила во светот.

Меѓу нив и Ferrari, Aston Martin, Mercedes-Benz… a Porsche и Hyundai не се само купувачи на технологијата на Римац, туку се и инвеститори со сериозен влог во Хрватската компанија. Сепак, Римац останува доминантен сопственик во групацијата со вкупно учество од 37%.

Интересно е и тоа дека Rimac, во новата групација со Bugatti, го вложува само својот бизнис за производство на хиперавтомобили.

Дивизијата од Rimac Group, која се занимава со производство и продажба на технологијата и електричните погони Rimac Technology останува во целосна сопственост на Rimac Групацијата.

Според плановите достапни во јавноста, новата групација на Rimac и Bugatti, планира да произведе околу 150 Nevera автомобили, а ќе се составуваат и околу 100 Bugatti автомобили.

Кога ќе се соберат овие бројки и помножат со цената по автомобил, се доаѓа до скромни 15 до 20% од вкупниот промет на Rimac Group.

Претпоставките се дека овие бројки и прометот на Технолошката дивизија на Rimac дополнително ќе растат бидејќи порачките од големите светски брендови и понатаму пристигнуваат во бекофисот на Хрватската компанија.

Запрашан да ја открие тајната на својот успех во Rimac Automobili, Мате изјавил дека една од најзначајните предности на неговиот бренд е што најголемиот број на технолошки иновации, вградени во неговите хиперавтомобили се изведени внатре во компанијата.

Тоа ги прави поразлични од останатите брендови, кои голем дел од компонентите и технолошките иновации ги купуваат на други места и во други компании.

Ова им дава голема предност пред останатите затоа што нивните трошоци се мал дел од трошоците кои ги плаќаат конкурентските кнструктори на хиперавтомобили. И тоа не затоа што платите во Загреб се ниски, туку затоа што нивната филозофија и систем на работа се поинакви од останатите.

Исто така, според него, Rimac Automobili, веднаш по Tesla се единствените во светот кои ја развиле технологијата, а подоцна ги развиле и своите автомобили. Значи тие не се само дизајнери туку и извршители.

А сето тоа ги прави посебни. А посебноста е препознаена и наградена во автомобилскиот свет.

Мате Римац изјави и дека не негува илузии дека неговиот бренд и уште неколку светски производители на автомобили на електрична енергија ќе ја спасат планетата од загадувањето.

Не… ние мораме да го смениме целиот начин на живот.

А во тој контекст, Римац, веќе го објави и својот амбициозен план за Загреб во кој планира да развие роботизирана такси служба на електрична енергија, која секојдневно ќе ги превезува граѓаните до посакуваната дестинација, а како инвестиција ќе тежи околу 454 милиони евра.

Кога се ќе се собере и одземе, ова младо момче од Балканот, е вистинско чудо кое својот талент, пасија и претприемнички дух досега го круниса со бизнис проценет на повеќе од 2 милијарди долари.

Но се чини, дека сме сеуште на самиот почеток од блескавата приказна на Мате Римац.

Убавите работи, допрва доаѓаат…

Реклама