Швајцарец фатен во Франција како вози со “брзина на ветерот”

1415

Во полицискиот билтен на Жандармеријата на Хот Савои (област во Франција), осамна вест која ги заинтригира сите вљубеници на високите октани.

Според објавата, Швајцарски возач, бил фатен на радар дека со своето Порше 911 возел со брзина од 312 километри на час!

Toa се само 2 km/h помалку од максималната брзина на моделот, која се декларира дека е 314 km/h.

Подоцна е утврдено дека се работело за моделот Porsche 991.1 GT3.

Да биде проблемот уште поголем, Швајцарскиот возач, оваа брзина ја развил на место во кое ограничувањето изнесува 130 km/h.

Возачот, кој е споменат како директор на компанија на возраст од 48 години, бил веднаш принуден да плати казна од 1.500 евра, возилото било запленето и одвелечено во депо, а дополнително му била одземена и возачката дозвола.

И тоа не е се. Престапникот треба да се појави пред Француски суд следниот февруари, каде може да плати дополнителна казна до 3.750 евра и да заврши три месеци во затвор.

Извештаите велат дека одземањето на возачката дозвола ќе биде валидно само на територијата на Франција, а возачот ќе може без проблем да управува со моторно возило во други земји.

Интересно е и тоа, дека според одредени шпекулации, одбраната на престапникот, ќе се фокусира на податокот дека радарот со кој била регистрирана неговата брзина е калибриран и одобрен за брзини до 300 km/h, па врз база на оваа техникалија, не е исклучено делото да падне и да се запре било какво понатамошно правно постапување.

Возачот срушил и еден неславен рекорд, со фатената брзина на радарот, бидејќи истава година, било регистрирано и едно Audi RS3 со брзина од 287 km/h.

Реклама