Три децении Audi A3

209

Aтрактивниот компактен автомобил Audi A3 за прв пат се појави на Саемот за автомобили во Париз, во 1996 година, и по полни три декади, сеуште е еден од најсвежите, најквалитетни и најпосакувани автомобили во својата класа.

До денес од производните хали се стркалани повеќе од 6 милиони примероци, кои се пласирани на повеќе од 100 домашни и меѓународни пазари (земји).

Инаку, моделот беше туркан низ четири моделски генерации, од првата Audi A3 (8L), 1996 – 2003, како тровратен компактен хечбек автомобил, до денешната генерација на Audi A3 (8Y) која живее од 2020 година, и во која веќе беа промовирани и првите мотори со блага хибридна технологија.

Иако започна како тровратен хечбек, подоцна Ауди 3 добиваше и нови форми на каросеријата како што се Sportback, Cabriolet, и Sedan, а беа изведени и спортските варијанти – S3 и RS 3 како и A3 allstreet кросовер автомобилот.

Несудениот Национален Автомобил на Македонија

Првата Ауди “А тројка” беше произведена во базата на Ауди во Инголштад, а подоцна, за да одговорат на растечката побарувачка се отворија производни погони за Ауди А3 и во Бразил (1999 година), а во раните 2000-ти и во Ѓор, Унгарија.

Се разбира, не може, а да не се потсетиме со силна доза на носталгија, дека непосредно по осамостојувањето на нашата држава, во 1997 година, се роди иницијатива, токму овој модел, Ауди А3, да се произведува во Македонија, што имаше сериозен потенцијал, да ја живне економската динамика во Македонија.

Особено имајќи предвид дека производството на автомобили со себе носи и бројни други производители на автомобилска технологија.

За жал, целата приказна заврши со сериозни контроверзи и неуспешен епилог, а веројатно она што можеше да се случува кај нас, замина во Унгарија.

Реклама