Италија планираше да воведе огромни рестрикции за возачите над 85 години, но…

492

Италијанската Влада за момент го отфрли предлогот на Министерството за Инфраструктура и Транспорт, со кој се предлагаше сите граѓани постари од 85 години, да добијат сериозни забрани и ограничувања во управувањето на моторни возила.

Конкретно, во предлогот се предвидуваше, граѓаните кои ќе наполнат 85 години, автоматски да добијат забрана да возат на автопат, да возат со брзина над 100 km/h и за нив да важи апсолутна нула, во поглед на промилите алкохол во крвта.

Исто така, било предвидено да се ограничи и дистанцата која граѓаните над 85 години смеат да ја надминат во еден ден, мерено од нивната адреса и место на живеење, а истата било планирано да не надминува 100 километри.

Во основа, овој закон требало да влијае на безбедноста во сообраќајот.

Законот исто така предвидувал можности возрасните граѓани да побараат вонреден лекарски преглед, и доколку се утврди дека нивните физички и моторички предиспозиции се во ред, да се добијат одредени олеснувања во поглед на предвидените мерки.

Дополнително, се барале практични тестирања на возачите над 85 години на кои би се утврдела способноста на возење на возрасните граѓани.

Сепак, се чини дека Владата, немала доволно храброст да го истурка до крајот овој закон, кој логично имаше потенцијал негативно да влијае на популарноста на Италијанската Влада.

Инаку, во Италија веќе постојат закони со кои се предвидува контрола на возачите и нивните психо физички способности за возење.

Еден од нив е рокот на обновување на возачката дозвола. Истата, до возраст од 50 години, се обновува на 10 години, од 50 до 70 години возраст се обновува на секои пет години, од 70 до 80 на три, и над 80 години возачката дозвола можете да ја обновите на секои две години.

А при обновувањето, најмалку потребно е лекарско мислење за способноста на секој возач да управува со моторно возило.

Што мислите за оваа идеја?

Реклама