Новиот “БИК” во гамата на LAMBORGHINI

137

Кога зборуваме, пишуваме или снимаме прилог за автомобилите од Сант Агата Болоњезе, лулката на најмоќните луксузни спортски автомобили на светот – Lamborghini, кристално е јасно дека не зборуваме за автомобили или за бренд достапен до сите.

Па сепак, станува збор за автомобилска величина која на својот јасно препознатлив и елегантен начин, се постави како своевиден репер во класата на суперспортски ѕверови на тркала.

Таков е и најновиот модел, наречен Fenomeno Roadster, кој ќе биде направен во само 15 примероци, сите со V12 хибриден погон што испорачува вкупна моќност од 1080 коњски сили.

А тоа е воедно и најмоќниот модел со отворен кров  на Lamborghini.

Fenomeno Roadster претставува еволуција на Fenomeno Coupé кој за прв пат беше претставен во 2025 година. Се работи за спортски двосед, инспириран од моторспортот и иновативниот дизајн на Lamborghini Centro Stile, кој го дефинира идентитетот на брендот повеќе од 20 години.

За време на промоцијата, генералниот директор на Lamborghini, Стефан Винкелман изјави – “Fenomeno Roadster ја претставува најчистата експресија на вредностите на нашиот бренд : визионерски дизајн, бескомпромисни перфроманси, и апсолутна ексклузивност. Тој е уникатна интерпретација на возните емоции, креирана за селектирана група на клиенти кои бараат нешто навистина далеку од конвенционалното. Секој примерок е креиран како колекционерско ремек дело, каде врвниот инжинеринг е споен со врвната рачна изработка

И Fenomeno, како и другите модели на Lamborghini, своето име го носи од еден легендарен бик од коридата, чие име во превод значи Феноменален.

Ова е првиот  V12 хибриден електрифициран автомобил на Lamborghini, кој своите 1080 коњски сили гои добива од 6,5 литарскиот природно аспириран V12 мотор поврзан со три електрични мотори. Два од моторите се поставени на предната оска, и еден поставен над 8 брзинскиот менувач со двојна спојка.

Од  0–100 km/h забрзува за само 2.4 секунди, од 0–200 km/h за 6.8 секунди, а може да достигне брзина од над 340 km/h.

Феномено има врвна шасиска структура инспирирана од авио-вселенската технологија, поврзана со чистите спортски својства и перформанси.

Роадстерот има комплетно нов аеродинамичен пакет, со цел да обезбеди максимални перформанси дури и без покривот.

Сите компоненти, од линијата, спојлерите, па до роловер заштитните шипки, сите се направени во аеродинамичен дух, за да го намалат отпорот на воздухот и да му овозможат на автомобилот феноменално лебдење по патот.

Одзади, Fenomeno изгледа футуристички, со високо поставениот хексагоналнен издув, кој повторно ги истакнува бескомпромисната динамика и техничка прецизност на возилото.

Инаку, моторот, е еден од централните елементи на дизајнот на Fenomeno Roadster, со хексагоналните елементи кои елегантно се присутни во сите точки на возилото.

Во кокпитот, сите елементи ве тераат да се чувствувате како во кокпит на некој борбен авион.

А тука е и трокомпонентиот дигитален дисплеј со хексагонална графика, копчиња и прекинувачи инспирирани од авијациската технологија.

Заедно со погонот и аеродинамиката, шасијата исто така претставува фасцинантно парче инжинеринг. Автомобилот е направен како монокок (едноделна структура), целосно направен од микро-фибер влакна, а предната структура е направена од искован композит што дава одлична ригидност со минимална тежина.

За гумите, Lamborghini повторно се ослони на својот Официјален Технички Партнер – Bridgestone, со неколку модели на спортски пневматици од моделот Potenza.

A aко не ви е јасно како е можно со само 15 примероци да се покрие инвестицијата во еден ваков хипер автомобил, треба да ја слушнете цената која во Европа се движи помеѓу 5 и 6 милиони евра.

Реклама