Војната во Иран и геополитичките превривања прават сериозен удар на домашниот буџет, но и на авто индустријата.

Целиот свет се бори со првиот бран на поскапувања на горивата, чиј импакт набргу ќе биде видлив и на сите останати цени и трошоци.
Но како што во моментов стојат работите, следува уште еден силен удар врз автоиндустријата, преку директно загрозување на производство на моторни масла.
Според последните информации, сосема е извесно дека следува сериозен пораст на цените и на моторните масла.
Причина за ова е недостатокот на базни масла, кои служат за производство на моторното масло.

Особено критична е состојбата кај базните масла од Група III, околу 20% од светското производство се прави во Заливските земји, а токму одтаму се снабдуваат и околу три четвртини од базните масла кои се увезуваат во Европските рафинерии за понатамошно производство на современите моторни масла за возила со високи перформанси.

Критично е и со PAO маслата.
Информациите велат дека европските производители се мачат да ги обезбедат дефицитарните масла од друго место, но сето тоа оди многу споро и тешко.
Уште полоша е состојбата со маслата Група II, кои се користат во производство на моторни масла за комерцијалните возила, камиони и автобуси. А ако кризата го погоди овој сектор, логично е дека ќе настрада и целиот ланец на дистрибуција.

За алармантноста на ситуацијата сведочат и последните дописи на Nissan и Mobil, кои ги информираат своите дилери дека поради сериозниот недостаток на суровини, ќе се соочат со сериозни проблеми со достапност на оригиналните моторни масла. Нивото на масла кои ќе бидат достапни се оценува на околу 55% од минатогодишните.
Дописот уште вели дека клиентите треба сериозно да ги менаџираат своите залихи на масла и да ги извршуваат само неопходните интервенции и промени.
Според овие дописи и информации, во моментов, вистинското прашање не е дали ќе поскапат моторните масла, туку дали воопшто ќе може да се купат.







