Најпродаваните автомобили на сите времиња

496

Знаете ли кои автомобили се наоѓаат на вечната топ листа на најпродавани автомобили во светски рамки и по кој редослед?

Иако не е лесно да ги соберете официјалните податоци за најпродавани автомобили на сите времиња, бидејќи оваа материја е жива и се менува од ден во ден, сепак успеавме да ја составиме листата на најпродавани автомобили :

1. Toyota Corolla – Над 50 милиони примероци.

На врвот на оваа топ листа нема изненадувања. Присутна е на сите светски пазари, едноставна, ненаметлива, издржлива, супер вредност за вложените пари. Се произведува од далечната 1966-та година и нема сигнали дека наскоро ќе запре да ги освојува срцата на фановите на земјата. Ја има во три каросериски изведби – како хечбек, седан и караванска верзија, а од неодамна ја има и во кросовер варијанта. Тоа се само дел од причините поради кои овој глобален интернационален автомобил, популарната Toyota Corolla има продадено над 50 милиони примероци во светот.

2. Ford F-Series. Над 43 милиони примероци.

За оние кои не ја следат авто индустријата, ова може да делува како мало изненадување, особено ако се земе предвид фактот дека кај нас нема да сретнете вакви пикап камионети или спортски возила. Но не заборавајте. Ова е првенствено модел креиран во и за Американскиот пазар, каде што пикапите се исклучително атрактивни и се користат како во секојдневниот сообраќај, така и во бизнисот. Поради својата издрживост, моќ, цврстина и перформанси Ford од серијата F е продаден во над 43 милиони примероци.

3. Volkswagen Golf – Над 36 милиони примероци!

Од нашиот континент, ова е дефинитивно најпродаваниот, а несомнено и најпопуларниот автомобил на сите времиња. Почна да се продава во 1974 година, a денес сеуште излегува од производните погони на брендот на народот – Volkswagen. И не само што излегува, туку Golf секој ден се произведува во 2.000 примероци.

4. Volkswagen Passat – 34 милиони примероци

Веднаш зад својот брат Golf, а пред легендарната VW Буба (Beetle) со 21,5 милиони продадени автомобили. Совршен автомобил за компаниско (флотно) возење, но и како одличен семеен автомобил.

5. Honda Civic – над 28 милиони примероци.

Уште еден интернационален автомобил од Јапонија ни доаѓа на петтото место на најпродавани автомобили на сите времиња. За прв пат почна да се произведува во далечната 1972 година, најпознат е како оној хечбек кој испорачува најмногу вредност за вложените пари и кој воопшто не се расипува!

6. Тоyota Camry – Над 25 милиони примероци

Уште еден автомобил од Јапонија. Еден од оние автомобили кои не ги забележувате, но ги има на секој чекор, на секој агол. Особено на пазарите во Соединетите Американски Држави и Австралија. Уште еден од светските автомобили кој не е омилен кај сервисерите, бидејќи не се расипува.

7. Volkswagen Beetle. Над 21,5 милиони продадени примероци

Вистинска легенда. Автомобил кој непогрешливо знаете како изгледа. И кој може да се лизне од оваа топ листа, само затоа што веќе не се произведува. Беше смислен уште во времето пред Втората светска војна, а го форсираше лично Адолф Хитлер, како автомобил кој треба да биде создаден за широките народни маси и да чини 1.000 рајхмарки. Сепак, масовното производство на популарната “буба” започна по војната и направи вистински дар-мар на автомобилската сцена.

8. BMW Series 3

Според одредени извори популарната “тројка” на BMW се произведе и продаде во околу 18 милиони примероци, но официјалните бројки велат дека во светски рамки се продадени над 20 милиони автомобили од Series 3. И оваа бројка несомнено ќе расте имајќи предвид дека оваа година ја очекуваме и сосема новата осма генерација на моделот. А додека ја чекаме промоцијата на моделите со мотори со внатрешно согорување, компанијата од Штутгарт веќе ја промовираше целосно електричната верзија на Series 3, под името I3.

9. Opel Corsa – Над 20 милиони примероци

Малиот градски автомобил на компанијата од Раселсхајм, Оpel, која неколкупати ги менуваше своите сопственици, за да денес влезе под капата на Стелантис Групацијата веќе се продаде во над 20 милиони примероци. Солидните продажни резултати, и инвестициите во развојот на овој автомобил (кој веќе има и целосно електрични варијанти), не даваат знак дека моделот ќе згасне. Напротив, се чини дека малата Corsa уште долго ќе биде на врвот на продажните табели, особено во Европа.

10. Lada Riva – над 20 милиони примероци.

На топ листата, како да сака да го осветли образот на Источниот дел од Европа, се наоѓа и руската Lada Riva која како “луда” се продаваше во Русија и земјите од Источна Европа. Главна предност – цената, секако.

Тука некаде на листата, со сериозни бројки, уште може да се издвојат и :

11. Nissan Sunny – повеќе од 20 милиони примероци

12. Ford Escort – над 20 милиони

13. Renault Clio – 16 милиони

14. Mercedes-Benz – E-Class – над 15 милиони…

Реклама