Со своето електрично Twingo, Renault фаќа ритам со Кинезите

240

Новото електрично Twingo E-Tech, веќе се испорачува во земјите од Европската Унија.

За него, се вели дека има задача да ја врати атрактивноста на А сегментот на мали, градски автомобили, кои некако го загубија ритамот во Европа, пред се’ од SUV моделите, но и да ја направи електромобилноста достапна за сите.

Колку е достапна, со почетна цена од 20.000 евра, тоа е веројатно прашање за некоја друга дискусија.

Но она што е интересно кај новото Twingo, тоа е дека во изведбата од страна на Renault, користени се некои техники кои агресивно ги користат Кинеските конкуренти.

Прво, Twingo се креираше во рекорден рок од 100 недели

На фабриката Renault и беа потребни само 100 недели (помалку од 2 години) за целосно да го смисли, дизајнира и изведе својот нов електричен автомобил.

Ова е отприлика двојно пократко време од времето потребно за ваков развој од пред неколку години.

За споредба, за Renault 5 и 4 на истата компанија и беа потребни три години!

Зошто е ова важно јасно дефинира техничкиот директор Седрик Комбреморел, кој изјави – брзината ви помага побргу да одговорите на пазарните трендови.

“Пред две години, ако имате гига фабрика ќе изберете литиумска хемија за вашите батерии. И вие сте на врвот на светот.. Денес, пазарот веќе ве прашува – зошто немате LFP технологија. Брзината во развојот е начин да и се овозможи на компанијата да донесе одлуки во последен момент. Замислете да може да дизајнирате автомобил само во еден ден. Ќе го знаете трендот на пазарот и ќе можете веднаш да дефинирате колкав е волуменот што ви треба. Се се врти околу брзината.” – дополнува Комбреморел.

За брзиот развој, секако големо влијание имаше и вештачката интелигенција, за што е направен специјален AI модел, со огромна датабаза на слики, фотографии, шеми кои ќе бидат користени од брендовите Renault, Alpine, Dacia и Mobilize.

Само 700 компоненти

Според официјалните податоци, новиот Twingo е направен само од 700 компоненти.

Што навистина делува дека е голема редукција, ако се земе предвид дека Renault 5 има 1.200 делови, а Clio – има 2.200 до 2.500 компоненти.

Со овие два чекори, Renault покажа поголема агресија и флексибилност, а тоа, веројатно е вистинската формула за да се борите со новите високотехнолошки конкуренти од Кина.

Погледнете ја нашата последна емисија на Youtube :

Реклама