За само 4 дена од најавата на новиот модел Suzuki Jimny Nomade со пет врати, фабриката собрала 50.000 порачки од заинтересираните клиенти.
Ако се земе предвид фактот дека капацитетот на фабриката изнесува скромни 1.200 автомобили месечно, сосема е јасно зошто одговорните во Suzuki го запреа процесот на прибирање порачки.
Практично, со првиот бран на порачки, фабриката има полн капацитет за следните 3,5 години!
Suzuki официјално им се заблагодари на клиентите за огромниот интерес, истовремено извинувајќи им се за привременото запирање на порачките предизвикано од пребукираното производство. Во дообјаснувањето стои и дека клиентите дополнително ќе бидат информирани за тоа кога ќе се надмине производниот процес и кога клиентите повторно ќе може да го резервираат и порачаат својот Jimny Nomade.
Suzuki Jimny Nomade со својот редизајн и новиот сет на задни врати е долг 3.890 mm и има меѓуоскино растојание од 2.590 mm, што го прави поголем и поудобен, особено на задните седишта.
Опремен е со атмосферски 1,5-литарски бензински мотор со моќност од 103 коњски сили и вртежен момент од 134 Nm, а ќе чини од почетни 17.000 евра.







