На македонскиот автомобилски пазар, како увозник и дистрибутер на автомобили, Delfino Mobility Group, e релативно млад играч.
Во фокусот на вниманието се појави во 2023 година, со двата Кинески бренда – Geely и Lynk &Co (Кинески бренд со Шведски дизајн и технологија, за кој направивме и специјален прилог во последната емисија на Темпо Магазин).
За новите два авто брендови, луѓето од Делфино, направија одлични салони или популарно наречени клубови во Скопје, кои од принципалите во Кина и Европа беа истакнати како врвно изработени проекти.
Но, Делфино Мобилити, како компанија, концепт и визија, постојат и функционираат многу одамна.

Како што беше и основниот лајтмотив на блескавата прослава во Националната опера и балет во Скопје, Делфино Груп, постојат и функционираат полни 30 години.

Малата семејна компанија, која во нашата земја е добро позната по туристичката агенција Делфино Травел, својот сериозен влез во авто бизнисот го најави со франшизата на Sixt рент-а-кар, за Македонија и Албанија, пред околу 20 години.
За сериозноста на Sixt Македонија и Sixt Aлбанија, доволно зборуваат бројките. Во моментов, франшизите оперираат со флота од околу 1.500 возила, кои циркулираат во регионот.

Компанијата Делфино Мобилити Груп која интензивно расте и се развива и динамично освојува нови пазари и надвор од нашите граници, ја води извршниот директор, Илија Тонески, кој имаше и свое кратко обраќање на свечената манифестација во Националната опера и балет во Скопје.


Пред присутните неколку стотина гости и пријатели на брендот, Тоневски се присети на периодот од пред 10-на години кога стана дел од тимот на Делфино Мобилити Груп и со кого визијата полека станува реалност, а компанијата има исклучително брз раст и развој.
Групацијата, покрај салоните за Geely и Lynk &Co во Скопје, располага со атрактивен салон и во Тирана.

Уште една пријатна вест која проструи неодамна е дека за Албанскиот пазар го земале застапништвото и за Корејскиот бренд KGM (некогашен Ssang Yong).
По убавата свеченост и одличен јубилеј, од срце им честитаме на пријателите од Делфино Мобилити Груп и им посакуваме уште подобри резултати во иднина и уште поблескави средби и манифестации.








