Aston Martin дизајнираше луксузен дом

180

Креативците од Британската автомобилка икона Aston Martin објавија дека го завршиле дизајнот на луксузен приватен дом во Јапонија.

Проектот го носи името N°001 Minami Aoyama, лоциран е во Токио и е изведен во соработка со изведувачи на недвижности VIBROA Inc.

Приватниот дом претставува мала зграда на четири спрата, со вкупна површина од 742 м2.

Фасадата на N°001 Minami Aoyama е направена од вертикално поставени метални панели, кои преку ден си поигруваат со светлината.

За максимално да се искористи просторот, во зградата е изграден сериозен подземен дел во кој се сместени приватна вежбалница, визба за вино, симулатор за голф, приватно спа, како и три спални соби.

Галерија за автомобили

Особено импресивна е галеријата за автомобили, со место за две возила, кои нормално, во стилот на куќата треба да бидат Aston Martin.

Галеријата однапред, од улицата делува како гаража, додека одзади преку стаклен панел (галерија) директно се поврзува со дневната соба. Галеријата е одлично осветлена, има брановиден таван, и делува како музеј со две, внимателно изработени модерни скулптури, во форма на автомобилите.

Дизајнот на ентериерот се прелева од потемни кон посветли материјали и огледала, како што се приближувате до последниот спрат и големиот простран балкон, со луксузно опремена кујна, базен и природно засадено зеленило.

Од балконот се гледа и Кулата на Токио.

Максимално внимание на деталите и материјалите

Во целата резиденција е посветено максимално внимание на деталите, искористени се премиум материјали за секое парче од ентериерот, секој спрат има интегриран Bowers & Wilkins аудио систем кој нуди премиум врвно озвучување, мебелот е со врвен Италијански квалитет…

Дизајнерскиот тим на Aston Martin има полни раце работа и веќе е ангажиран на уште неколку скапи и комплексни проекти.

Кликнете на сликите подолу и погледнете ја фотогалеријата.

Реклама