Фановите на Шпанскиот автомобилски бренд, веројатно ќе останат шокирани кога ќе дознаат дека една од мерките со кои врвните менаџери на Volkswagen планираат да ја реорганизираат компанијата, е да го згаснат брендот Seat!

Следејќи ја тешката ситуација на Групацијата Volkswagen, сите специјализирани и бизнис медиуми, најавуваа и пренесуваа вести дека се планираат сериозни отпуштања, кои се движат во бројката од 100.000 до 150.000 работници.
Најавени се и затварања на повеќе фабрики, особено во Европа, а постојано се шпекулира и со кратењето на модели кои немаат створено задоволителен хајп.
Честопати се споменуваше можноста да се продаде и Ducati и во Групацијата да донесе свеж капитал кој би помогнал во комплексниот процес на трансформација.
Но, според последните информации, се шпекулира дека дел од врвните менаџери предложиле во тој процес да се згасне и брендот Seat кој со своите Ibiza, Leon… со препознатлива Шпанска крв и спортски перформанси, сериозно ги топлеше срцата на многу возачи.

Според истите извори, голема е веројатноста дека фокусот на VW ќе остане само во форсирање на новоформираниот бренд Cupra кој произлезе како луксузен бренд на Seat.
Шпекулациите велат дека Сеат полека ќе згасне до 2029 година, а како главна причина за тоа се смета дека е падот на продажбата, додека Cupra бележи сериозен раст.

Впрочем, и фактот што VW Групацијата избра да го лансира малиот електричен автомобил Raval под значката на Cupra, заедно со Skoda Epiq, модели призлезени од новиот електричен VW ID.Polo, беше еден сигнал повеќе за намерата Групациски да се поддржи Cupra, а да се изолира Seat кој во својата палета воопшто нема електричен автомобил.
Ако овие шпекулации базирани на анализа и на интерни извори се покажат како точни, смртта на овој популарен европски бренд кој датира од 1950-та година е веќе најавена, а процесот одамна започнат.













