Moже ли навистина да се врати легендарниот Trabant?

148

Светот моментно е зафатен од една сериозна ретро ера, во поглед на музиката, уметноста, гардеробата, а се почесто и во поглед на автомобилите.

Многу европски и светски брендови лансираат автомобили кои го носат името и дизајнерските нишки од своите легендарни автомобили.

Но кога станува збор за екс комунистичките земји, обновата на автомобилите не е само мода, туку и сериозно јавање на нишката на емоциите и носталгијата.

Така беше случајот со најава за обновување на легендарниот Југословенски Yugo, а сега, благодарение на дизајнерот Наги Ласло, се обновува идејата и за легендарниот комунистички симбол на источна Германија – Trabant.

Овој автомобил се продаваше во периодот од 1957 до 1991 година и се продаде во над 3 милиони примероци, главно во земјите од Источниот блок.

Популарноста на Трабант не се должеше на нкои сериозни перформанси и квалитет, туку највеќе на пристапната цена.

Познат беше по доста дефекти (слично како и гореспоменатото Југо), но и по едноставната структура, малиот двотактен мотор и секако, сентиментот, дека доаѓа од фабриките на Социјалистичката ера, поради што за многу возачи тој беше и првиот автомобил на кој се учеа да возат, но и минуваа многу време и сериозни километри.

Интересно е и тоа дека школката на автомобилот беше направена од материјалот дуропласт, кој делумно се прави од рециклирани материјали, што сега е особено значајно, највеќе кај колите произведени во ЕУ. Тоа значи дека во своето време, брендот VEB Automobilwerk Zwickau бил вистински лидер и иноватор.

Инаку, идејата на овој концепт Trabant NT Concept , предвидува новиот Трабант, кој допрва треба да биде анализиран и соџвакан, да биде автомобил на струја.

Нема никакви дилеми дека евентуалниот бизнис план за ревитализирање на згаснатиот Трабант, својата логика нема да ја бара во технолошка напредност или потреба за нов автомобил во силниот пазар на електрични возила, туку би се водел исклучиво од евентуалната носталгија кај потенцијалните купувачи.

Реклама