Авто индустријата беше и сеуште е, една од најзначајните индустриски гранки во Европската Унија, која учествува со околу 7% во вкупниот БДП, и е директен или индиректен работодавец на 13 милиони луѓе во земјите од Унијата.
И кога ќе ги погледнете овие статистички показатели и ќе ги споите со, во најмала рака, неразбирливите самоубиствени потези на бирократите од Брисел, нe може да не се запрашате, дали ЕУ има пилот во авионот?
Прво, беше донесена одлуката до 2035 година да запре производството на возила со мотори со внатрешно согорување (дизел, бензин) под знамето на “зелената” борба против загадувањето на животната средина.
Потоа, ги отвори вратите за Кинеските автомобили, кои се покажаа исклучително флексибилни, агресивни, со преболени детски болести во поглед на квалитетот и безбедноста, и секако, со сериозна поддршка од сопствената Влада.

Па откако Кинеските автомобили ги преплавија европските улици, решија да воведат царини… Да… истите оние царини поради кои европските шефови, му се лутат на Трамп за покачените давачки на 25%, за сите автомобили произведени на нашиот континент.
На крајот, ЕУ донесе уште една одлука, да ја форсира по секоја цена електрификацијата, преку присилни мерки во најголемиот сектор во Европа – копоративните возила (околу 60% од новите продажби) на кои ќе им наметнува такси, давачки и пенали, ако немаат “соодветна” застапеност на електрични автомобили во флотата.
За волја на вистината, европските производители на возила, се развиваат и фаќаат ритам во процесот на електрификација, но се чини дека сеуште не можат да им парираат на вредните и флексибилни Кинези.
Па кога ќе соберете се’, и кога ќе ги земете предвид предвидувањата на врвни економисти кои сметаат дека во авто индустријата во 2026 година неповратно ќе бидат изгубени околу 100.000 работни места… се враќаме уште еднаш на насловот од овој пост : Има ли пилот во авионот на ЕУ?







