Volvo ја превзема дистрибуцијата на Кинеските Lynk&Co?

568

Луксузните автомобили на Кинескиот бренд на автомобили Lynk&Co, кои се дизајнираат во Шведска, а произведуваат во Кина, според последните информации, на европско тло ќе се дистрибуираат и сервисираат преку овластената продажно сервисна мрежа на Volvo.

Фото – Lynk&Co 01

Автомобилите од овој бренд, на самиот почеток, во Европа, нудеа посебен, исклучително интересен и иновативен продажен модел, односно, покрај класичното купување, можеа да се возат и по пат на месечна претплата (форма на рент-а-кар).

Салоните на Lynk&Co, не беа салони во класична смисла на зборот. Функционираа како поп-ап салони, клубови или попрецизно, мини евент центри, во кои е поважно да се собираат, дружат и пијат кафе потенцијалните клиенти и патем да видат некој од актуелните автомобили – 01, 02 или моделот 08.

Фото – Lynk&Co 08

Но, очигледно, за ваков систем, клиентите од нашиот континент сеуште не се подготвени, и оценките велат дека истиот не ги дал посакуваните резултати.

Затоа, следува нова тактика, според која автомобилите ќе се продаваат на традиционален начин – со продажни центри (салони).

А како најлесен е избран моделот – брендот да се понуди на мрежата на Volvo, која е веќе развиена и функционира солидно на европско тло. Впрочем, ова е сосема логичен потег, ако се земе предвид дека двата бренда се во сопственост на Кинеската Групација Geely.

Фото – Lynk&Co 02

За правно регулирање на соработката, потпишан е Меморандум за соработка, според кој Volvo станува ексклузивен импортер, дистрибутер и сервисер на возилата Lynk&Co во Европа.

Со меморандумот се допрецизира дека Lynk&Co ќе задржи дел од својата независност, особено во поглед на развојот, хомологацијата и продажбата надвор од Европа.

Lynk&Co во Македонија

Во Македонија, официјален увозник и дистрибутер на Lynk&Co е Делфино Групацијата, која се грижи за продажбата и на сестринскиот бренд Geely за Македонија, а неодамна и за пазарот во Албанија.

Проценките велат дека одлично ја извршува својата задача, а за своите нови салони беше и наградена од централата во Кина.

Неизвесно е дали оваа одлука ќе влијае и на бизнис моделот на Geely и Lynk&Co за Македонија.

Во една од нашите пртходни емисии, направивме специјален прилог за роденденот на Делфино Груп, погледнете го видеото во продолжение.

Реклама