Volkswagen го претстави својот најмоќен досега Golf GTI

96

Кога зборуваме за легендарните модели кои оставиле траен белег во авто индустријата, не смееме да го заборавиме Golf GTI.

А за да не го заборавиме, се потрудија луѓето од Volkswagen кои во чест на јубилејот – 50 години од првиот Golf GTI лансираа нова и специјална серија Golf GTI Edition 50.

Овој специјален модел со кој се одбележуваат точно 50 години од лансирањето на Golf GTI во 1976 година, е најсилниот сериски Golf GTI досега со моќност од 239 kW, т.е. 320 коњски сили, што е за 50 коњски сили повеќе од стандардниот GTI модел, додека вртежниот момент изнесува 420 Nm.

Овој модел има максимална брзина од 270 km/h што го прави и најбрзиот Golf GTI во историјата, заедно со Golf R моделот со “R Performance Package”.

Моторот е четирицилиндерски турбо мотор развиен на база на GTI Clubsport.

Забрзувањето од 0 до 100 km/h oваа импресивна машина го остварува за 5,3 секунди.

Вистинските фанови на брзото возење може да го изберат специјалниот GTI Performance Package Edition 50. Овој пакет ја намалува масата на возилото за 25 килограми што дополнително ги подобрува перформансите на возилото при влегување во свијоци.

Пакетот содржи титаниумски издувенс систем од Volkswagen R програмата, 19 инчни фелни, пониско обесување и полу слик гуми со кои моделот е за 20 мм понизок од стандардниот Golf.

Јубилејната едиција на GTI ќе ја препознаете по поагресивните браници во Clubsport стил, по специјалните 19 инчни тркала со црвени детали, секако ознаките “GTI 50”, затемнетите логоа на Volkswagen и спортските детали во црна боја.

Во ентериерот GTI 50 е опремен со специјални спортски седишта, црвени безбедносни појаси, и детали во спортска темна боја на алуминиумот.

Исто така, можете да најдете и бројни ознаки кои го нагласуваат јубилејот од 50 години Golf GTI.

Реклама