Сите знаат дека ако во моторот нема доволно моторно масло, може да дојде до сериозни проблеми, како и целосно “зарибување” на моторот што значи огромни штети и пари за поправка.
Но не знаат сите дека не е добро да се преполни казанчето за моторно масло и дека и ова може да предизвика сериозни штети и последици.
Секој прозводител на возила дефинира колку моторно масло треба да има во резервоарот за масло. Овие препораки треба да се почитуваат, а нивото треба повремено да се контролира и тоа најлесно се прави преку мерната шипка за масло во моторот.
Ако во моторот има повеќе масло од препорачаното, ќе приметите и по други симптоми, како што се капење и исфрлање на маслото, чадење од моторот пропратено со посебен мирис на изгорено, специфичен чад од издувниот лонец, а на крајот моторот ќе започне да испушта посебен и необичен звук.
Ако во резервоарот за масло се додаде повеќе масло од потребното, маслото ќе почне да се пени. Во него се формираат меурчиња, поради што ќе се намалат главните својства на мотрното масло – да подмачкува и да го лади моторот и неговите компоненти.
Пумпата за масло потешко го влече и диструбуира маслото до сите делови на кои им е потребно подмачкување, а тоа е секако, рецепт за расипување. Неподмачканите делови се подложни на поголемо триење и абење, а се зголемува и потрошувачката на деловите, маслото и горивото.
Зголемениот притисок ги оштетува и дихтунзите во моторот.
Заради тоа, ако по грешка сте ставиле повеќе масло од потребното, и тоа го забележите на мерната шипка, побрзајте во сервис да испуштат дел од маслото. Ако пак навистина сте претерале и маслената трага е високо над линијата FULL на шипката, изгаснете го моторот и повикајте шлеп, и повторно право во сервис.







