Меѓународната Групација на автомобилски производители Stellantis во која влегуваат еден куп популарни брендови како што се – Peugeot, Citroen, Opel, Fiat, Alfa Romeo, Maserati, Jeep, RAM, Abarth, DS… ги објави своите резултати за минатата 2025 година.
А резултатите, сигурно предизвикаа инфаркт симптоми за акционерите.

Катастрофална загуба!
Како што објавија во своето официјално известување, Групацијата во 2025 година направила загуба од, верувале или не – 22,3 милијарди евра!
Вкупниот промет кој Групацијата го направи изнесува 153,5 милијарди евра, што пак е пад во споредба со претходната година од 2%.
Како е тогаш направена оваа масивна загуба, која им дава право на челниците на компанијата да не исплаќаат дивиденди на вработените и на акционерите?
На што се должи загубата?
Најголемиот дел од трошоците кои ја генерираа оваа загуба, без преседан, се должат на отписи (write offs).
Иако годината и самата по себе, не беше сјајна, како што изјави Антонио Филоса, шефот на Stellantis, компанијата решила наеднаш да ги впише како трошоци сите прилагодувања во билансите, со кои треба да се амортизираат трошоците кои доаѓаат од спората трансформација на пазарот со електрични возила.
Во превод, компанијата имаше предвидено побрзо темпо на менување на возните паркови од мотори со внатрешно согорување во електрифицирани автомобили. Како резултат на тоа, направени се сериозни инвестиции во новите технологии, кои сега, бидејќи клиентите не ги менуваат своите навики, не ја враќаат инвестицијата со исто темпо.
Дополнително, во следниот период, ќе бидат запрени или намалени темпото на производство на повеќе електрифицирани автомобили, а овие загубени волумени, се трошок за компанијата која истите ги внесува во своите биланси.

Брендовите беа осакатени, и со големите трошоци предизвикани од контроверзните царини на Трамп во Америка.
И целата оваа ситуација, како што изјави Филоса, не води до одличен момент кога компанијата треба целосно да се ресетира и да почне одново.

Во компанијата како добри сигнали ги издвојуваат резултатите во вториот семестар од 2025 година.
Како што се вели : во вториот семестар од 2025 година беа продадени солидни 2.8 милиони автомобили, што претставува пораст од 277,000 возила или +11% повеќе од истиот период во 2024.
Особено се истакнуваат резултатите во Северна Амерка која додаде 231,000 возила – пораст од +39% споредено со истиот период 2024.
Ќе преживее ли Филоса на кормилото?
Останува да видиме дали овој навидум храбар (или налудничав) потег на Филоса, да ги направи овие отпишувања, ќе ги даде посакуваните резултати.

Она што е сигурно, е дека компанијата нема да исплати дивиденда, и истата ќе може да ја искористи во својот процес на трансформација.
Но, кога правите вакви потези, секогаш ви се заканува опасноста дека акционерите ќе сакаат да ви се одмаздат, што може да значи и предвремено разидување со новиот директор Филоса, кој од кормилото го замени Тавареш во 2024 година.
Многу аналитичари сметаат дека токму Тавареш, кој го започна генерирањето на овој голем, конгломерат на производители, со главна цел да може да се спротивстави на конкурентните групации – Volkswagen и Toyota, ја носи најголемата одговорност за проблемите со кои се соочува групацијата денес, кој сметаше дека формулата за успех се крие во окрупнувањето, во спојувањето на толку многу брендови, кои имаат своја традционална публика и фанови.
И дека со економијата на обем, ќе може на светот, успешно да му се продаваат автомобили кои користат иста или слична технологија, мотори, платформи и опрема, а главно ќе се разликуваат по значката и брендот на предната хауба.
Останува да видиме дали и како Филоса и неговиот тим, ќе ја преживеат оваа драма и дали по објавените шокантни резултати, ќе уследат подинамични шок терапии, кои може да предвидуваат и резови, односно ослободување од некои брендови кои упорно тонат и ги влечат сите надолу кон дното.







