Со BYD Atto 2 DM-i во Италија

60

Вториот ден дружба со Кинескиот кросовер BYD Atto 2, ни донесе пријатно возење од околу 400 километри по шарената инфраструктура на островот Сардинија во Италија.

Од Алгеро се упативме на плажите во Коста Смералда… тиркизна убава вода, песочни плажи, во монденскиот дел на островот.

Од патувањето, можевме да заклучиме неколку работи.

На асфалт, возилото има комфорно возење, но кога ќе излезете на малку понерамен терен, суспензијата поигрува, возилото потскокнува и не е баш пријатно за возење, но и за останатите патници во возилото.

Не се однесува најдобро на терен надвор од патот (имавме околу 2 километри возење по земјен пат) и чувството не беше најпријатно.

Но… искрено и не очекувавме многу, бидејќи се работи за SUV / кросовер, со погон на предните тркала, главно урбано возило наменето за урбано возење.

Исто така, може да се каже и дека ни недостигаа физичките копчиња за контрола на клима уредот.

Во внатрешноста, на предниот дел е поставен голем екран чувствителен на допир со големина од 12,8 инчи, преку кој ги контролирате повеќето функции на возилото. Но, искрено, истиот не е баш најлесен за маневар, има многу менија, кои се некаде збунувачки, а и одговорот на притисокот на прстите не е секогаш моментно.

Во возењето, големиот екран знае да го одвлекува вниманието од патот, особено ако сеуште се привикнувате на неговото присуство, како и на рабоотата со менито и функциите во него.

На левата страна, веднаш до големиот екран, зад воланот е поставен дигитален инструмент кластер со големина од 8,8 инчи, на кого можете да ги следите сите основни функции, да го следите возилото во реална ситуација, да ги следите останатите учесници во сообраќајот.

АДАС системите континуирано ги проектираат информациите на дисплејот и во секоја ситуација ве предупредуваат на различен начин.

Помеѓу системите може да го издвоиме системот за преознавање на сообраќајните знаци, кој е прилично згоден ако сакате ревносно да ги почитувате сообраќајните правила и ограничувања, а за оние кои се стандардни жртви на сејф сити системите постои и Интелигентен систем за ограничување на брзината.

Тука е и адаптивниот темпомат, или круз контрол, со кој поставувате и одржувате одредена брзина со која сакате да се движите, практична алатка за патување на автопат.

Исклучително згоден е и системот за детекција на возила во вашиот мртов агол, кој проектира сигнал во вашите ретровизори и вепредупредува дека во мртвата точка имате возило и не треба да вртите лево / или десно… сеедно.

Она што веројатно најмалку ни се допаѓаше во возењето е пречувствителниот таканаречен ЕLKA систем. За разлика од некои други возила кај кои само сигнализира и предупредува, овој систем ЕLKA (Emergency Lane Keeping Assist) кога ќе примети дека излегувате од лентата или опасно се приближувате на возило од спротивната страна предупредува, но и ја превзема контролата врз воланот и ве враќа назад во вашата лента, избегнувајќи потенцијална опасност од судар.

Овој систем се активираше пет, шест пати, во сосема непотребни ситуации, што лично, не ми се допаѓа, но можеби во денешно време, кога се гледа во мобилните телефони, или во големиот екран, се губи концентрацијата и несоодветно се одговара на дадена ситуација… може да е уште една корисна алатка.

Од системите, кои за среќа не се активираа за време на возењето, BYD Atto 2 има и систем за сопирање во случај на итност, систем за предупредување во случај на преден или заден судар, систем за контрола на тракцијата и многу други нешта.

Реално… многу работи, за цената, која во Италија се почнува од околу 23.000 евра!

Па сепак, и покрај некои мали недостатоци, возењето беше пријатно и без посериозни проблеми.

Приказната и нашето дружење со овој нов сериозен адут на BYD во Европа, продолжуваат.

Реклама