Неформално, со Славче Таневски, нашиот дизајнер во Mercedes-Benz

235

Да се работи во дизајн центарот на германскиот титан Mercedes-Benz од чии фабрики излегуваат најдобрите и најатрактивните автомобили на светот, несомнено претставува огромна чест и привилегија за секој вљубеник во автомобилската магија.

А овој детски сон, одамна, од веќе, далечната, 2010 година, претставува секојдневие на Славче Таневски, момчето од Скопје, чиј талент и вештина го издигнаа во височините и сместија во читанките на светскиот автомобилски дизајн.

Најпрво како студент, стажант, започна да ги моделира своите визии во MINI UK, краток период како фриленсер, а веднаш потоа, во фабриката на сништа во Mercedes-Benz.

Во својата работа, како надворешен дизајнер, Славче има работено на многу проекти oд сите брендови – Mercedes-Benz, AMG, Maybach… Meѓу нив се и :

  • 2023 Mercedes-AMG GT (C192)
  • 2024 Mercedes-Maybach EQS SUV (Z296)
  • 2022 Mercedes-Benz EQS SUV (X296)
  • 2021 Mercedes-AMG SL (R232)
  • 2021 Mercedes-Maybach Concept EQS
  • 2019 Mercedes-Benz CLA Shooting Brake (X118)
  • 2019 Mercedes-Benz CLA Coupe (C118)
  • 2018 Mercedes-Benz B-class (W247)
  • 2017 Mercedes-Benz Concept EQA
  • 2016 Mercedes-Benz GLC Coupe (C253)

На наше огромно задоволство, Славче, кој моментно работи како Тим Лидер во одделот за надворешен дизајн во Mercedes-Benz, ја прифати нашата покана за кратко и неформално интервју во кое зборувавме за неговата работа, ангажман и поглед на минатото, сегашноста и иднината.

Нашиот разговор, во продолжение :

Темпо : Славче, јавноста во Македонија веќе добро ве познава како еден од водечките дизајнери во тимот нa Mercedes-Benz. Ако погледнеме во вашата биографија, ќе видиме дека во моментов ја носите позицијата – Теаm Leader Exterior design. Можете ли да ни ја појасните вашата позиција, во хиерархијата на гигантот Mercedes-Benz?

Славче : Токму така, последниве две години имам нова позиција. Водам тим од дизајнери кои ги дизајнираат сериските возила на Mercedes-Benz.  Заедно даваме предлози како би требало да изгледаат автомобилите во иднина, разработуваме стратегии, дизајн код, технички иновации, како и примена дизајнот за производство, најдолг дел од дизајн процесот. Понекогаш имаме можност да изработуваме и концепт возила кои ја покажуваат визијата. Сето тоа е под супервизија на нашиот шеф на екстериер и шеф на дизајн, а крајниот збор го има бордот на директори.

Темпо : Имајќи предвид дека креативната работа е многу специфична… Kaко му поминува работниот ден на еден Дизајнер на Мерцедес Бенц? Во канцеларија, студио, дома, во автомобил…?

Славче : Сите сме во дизајн студиото, има мали исклучоци кога може да работиме од дома. Сепак изработуваме физички модели за кои е потребен директен надзор. Има многу состаноци, со маркетинг, техничари, инжинери. Потоа разгледување и дискусија на скици и модели, како и примена во 3та димензија. Внимавам на тоа да овозможам на моите дизајнери доволно време за скицирање и разработка. Идејата е највредното нешто кое го продаваме.

Темпо : Каде ја барате инспирацијата за вашите дизајни? Во минатото, иднината, секојдневниот живот?

Славче : Мерцедес е најстарата автомобилска марка со најбогато минато на фантастични машини. Да барате пример или инспирација таму некогаш е неминовно. Меѓутоа технологијата што е достапна денес наметнува друг аспект, така да кога ќе ги споите тие две работи добивате ново решение. Важно е и дизајнот да припаѓа во тој свет каде што е позициониран. Доколку станува збор за Maybach, на пример, тоа е светот на гламур, јахти, луксузни производи. Доколку се работи за AMG можеби се бара инспирација во борбени авиони, на пример.

Темпо : Знаете ли некогаш, како дизајнери, да позајмите, можеби и несвесно, понекоја идеја од други брендови и модели?

Славче : Ние не следиме трендови. Се што работиме е по наше убедување и на крај секогаш доаѓа прашањето ‘‘Дали изгледа како Мерцедес?‘‘. Нашиот идентитет е толку силен што следењето на некоја мода е бесмислено. Тоа можеби понекогаш ограничува, но секогаш наоѓаме решение. Важно ни е дизајнот да е безвременски и да не го издржи само животниот циклус од 6-7 години туку и после неколку генерации да е свеж и посакуван.

Темпо : Дали во вашата работа сериозно ја користите Виртуалната реалност, вештачката интелигенција…?

Славче : Секако, дигиталниот свет многу ја олеснува и забрзува нашата работа. Има голем скок во тоа што технологијата во последниве години ни овозможи.

Темпо : Европската Унија постојано наметнува нови стандарди и правила. Како резултат на тоа автомобилите добиваат многу сензори, камери, нови светлосни групи… кои треба да бидат сместени на вистинското место за да одговорат на својата цел. Ова е пречка или е предизвик за еден дизајнер на автомобили?

Славче : Ова е најтешкиот и најдолгиот дел од процесот, физибилити студијата. Работиме спрема регулативи на Европска Унија, но и на Индија, Кина, Јапонија, САД…, кои се делумно различни. Секако дека е пречка и ни ја усложнува работата, но е умешност и предизвик за дизајнерот. Само направете споредба меѓу седан од иста класа од 90ти години и од 2026. Ќе видите колку повеќе волумен има добиено модерниот автомобил, а просторот во ентериерот е ист. Се останато е заради сместување на новата технологија и безбедноста. Како мерка, на пример вградуваме поголеми тркала за да се избалансираат пропорциите.

Темпо : Иако во минатата година, повеќе брендови потврдија дека направиле преамбициозен план за електрификација на своите автомобили, се чини сепак, дека овој процес е неизбежен? Кое е вашето лично мислење во врска со тоа?

Славче : Како што во минатото имало возила на бензин и на дизел, така сметам дека во иднина треба да се остави избор на купувачот, дали ќе вози V8, хибрид или електричен автомобил.

Темпо : Како гледате на сериозниот наплив на автомобили од Кина?

Славче : Автомобилската индустрија сериозно се развива во Кина. Но никој од нивните брендови немаат реноме и традиција, безбедност како европските етаблирани марки. Мислам дека ќе доминираат брзо на пазарот на градски, односно секојдневни возила. Во луксузниот сегмент потешко.

Темпо : Се чини дека Кинеската индустрија е многу флексибилна и брза. Со исклучително кратка временска рамка од идејата, дизајнот – до реализацијата, додека европските производители сеуште се некако бавни или можеби темелни? Што мислите во врска со тоа?

Славче : Европските производители имаат реноме да изгубат, додека Кинеските стартапи не. Затоа сите нови технологии се темелно тестирани во Европа, за клиентот да добие беспрекорно функционален производ, додека во Кина целата технологија се пушта во промет веднаш, преку ноќ. Исто така во ЕУ сме жртви понекогаш на сопствените правила. Сликовито, Кина ја субвенционира својата автоиндустрија, додека ЕУ ја казнува својата за неисполнети CO2 квоти на издувни гасови.

Темпо : Во вашето портфолио, како надворешен дизајнер, сте работеле на автомобили од Мерцедес-Бенц, Mercedes-AMG, Mercedes-Maybach.  Кој е вашиот фаворит во палетата на возила на кои директно сте работеле?

Славче : Суперспортските SL и GT.

Темпо : Oваа година, во Мерцедес Бенц е најавена сериозна офанзива со 16 нови или освежени модели, од кои, дел веќе го видоа светлото на јавноста. На кои од најавените модели имате директен ангажман, и дали би издвоиле некој од нив?

Славче : Ни престојуваат многу скоро 2 премиери, на првиот целосно електричен АМГ и еден урбан СУВ. За нив повеќе после официјалната промоција.

Реклама