Постарите генерации, кои како мали уживаа во шарените страници на “Политикин Забавник”, се сеќаваат на едни забавни “мозгалици”, во кои исклучително вешто во една слика беа скриени неколку предмети, а задачата на читателите беше едноставна – да се најдат и заокружат истите.
Слична забавна игра, пред дваесетина години смисли и главниот дизајнер на Оpel, Дитмар Фигел.
Во својот бестселер Corsa D тој започна со играта – во ентериерот да скрие одредена бројка на дискретно дизајнирани ајкули.
Оваа пракса продолжи и во Zafira, Adam, Astra, Crossland, Grandland, Frontera и Mokka, а денес, малите ајкули може да ги најдете и во новите, освежени Астри.

Според информацијата од страна на Opel секоја Astrа во својот ентериер крие по десет мали ајкули, а кога имате време, кога правите генерално чистење, или едноставно немате попаметна работа, го имате отворениот предизвик од Опел да ги најдете ајкулите во вашиот примерок.

Во својата последна вест, Опел на своите клиенти им покажа каде да ги бараат “мистериозните ајкули”, втиснати во гумените и пластични елементи во ентериерот, багажникот, централната конзола, рачките од вратите…








