AUDI подготвен за Формула 1

73

115 дена пред првата трка во Формула 1, Ауди на јавноста и понуди мал блесок од она што фановите на брендот може да го очекуваат во најголемите спортски возбудувања на најдобрите тркачки стази во светот.

Промоцијата на концептниот модел – Audi R26 Concept беше организирана во Минхен, во Центарот за брендовско доживување на АУДИ.

Во таа прилика, Жерно Долнер, генералниот директор на Ауди изјави дека со своето присуство во најмоќниот моторспорт, компанијата испраќа јасна, амбициозна порака. Ново поглавје во обновата на компанијата. Формула 1 треба да биде катализатор за промена кон побрз, поефикасен и поиновативен Ауди.

Дополнително, Долнер изјави дека тие не влегуваат во Формула 1 само за да бидат таму, туку влегуваат за да побдуваат. Истовремено свесни дека нема да станат топ тим во Ф1 преку ноќ. Но според него, веќе во 2030 година, Ауди има цел да се бори за Светската титула.

Audi R26 Concept ги навестува дизајнот и шемата на бои за првиот Формула 1 болид на Ауди кој и официјално треба да се промовира во Јануари.

Масимо Фрашела, главниот креативен директор на Ауди, изјави дека и во концептот, како и во комплетниот бренд се користи новиот визуелен идентитет, базиран на новата дизајнерска филозофија – која се заснова на четири принципи – чисто, технички, интелигентно и емотивно.

А Формула 1, додаде Фрашела е пионер за новиот идентитет на брендот, кој ќе се применува и понатаму како во Ф1, така и во Ауди во целина.

Со 820 милиони фанови во светот, и 1,6 милијарди гледачи на телевизиските преноси, Формула 1 е одличен проект кој може да го освежи и обнови имиџот на АУДИ.

За оние кои не се во тек, за да влезе во циркусот наречен Формула 1, на почетокот на годината АУДИ го купи Sauber Group во Швајцарија со што се створија услови за влез во најпопуларниот моторспорт во светот, назначи искусни директори на врвот на тимот, а за возачи беа селектирани Нико Халкенберг од Германија и младиот талентиран Габриел Бартолето од Бразил.

Реклама