Ако возите користен дизел автомобил, ова е скап дефект

512

Дизел автомобилите, повеќе години царуваат на нашиот пазар на користени автомобили.

Но, ако и вие сакате да купите дизелаш, внимавајте на системот (DPF – Diesel Particulate Filter) кој може да е расипан, а неговата поправка да биде прилично скапа.

Сите дизел автомобили од 2009 година го имаат овој филтер, кој е поставен пред издувниот лонец, и во неговата внатрешност која е направена од тенко плетена метална мрежа (во форма на саќе од мед) се собираат тврдите честички кои настануваат при согорување на дизел горивото.

Филтерот има задача да ги запре тврдите честички преку издувниот лонец да излезат во атмосферата, со што се штити воздухот и животната средина.

DPF системот има задача да го заштити воздухот од тврдите честички

Овој филтер, зависно од квалитетот на горивото кој се точи и начинот на возење (ако главно се употребува во градски старт стоп услови), по одредено време се затнува до степен во кој повеќе не може да се активира природната регенерација на филтерот (што претставува процес во кој филтерот се загрева на огромна температура, ги согорува честиците кои во форма на прашина се исфрлаат од издувниот лонец.)

Кога филтерот ќе се затне, истиот мора да се исчисти или да се замени, а ова секако претставува сериозен трошок, кој може да се движи до неколку илјади евра.

Затоа, ако сакате да купите користен дизел автомобил, прво погледнете дали на инструмент таблата е запалена оваа сијаличка која го сигнализира расипаниот (затнат dpf).

Симбол за DPF на инструмент таблата

Потоа, внимавајте на уште неколку детали.

Расипан дпф филтер може да предизвикува зголемена потрошувачка на гориво, губење на сила на возилото, или ситуација во која природната регенерација – не се спроведува правилно.

Секако, најдобар начин да направите проценка на возилото е да одите кај икусен и добро опремен механичар, кој ќе ја провери состојбата на возилото, преку дијагностичкиот уред ќе го провери степенот на затнатост на dpf-от, може преку тестерот да активира и регенерација на филтерот, што секако ќе даде сигнал дали е истиот расипан, или може сеуште да се исчисти и да биде функционален.

Ако сакате да го заштитите DPF-от можете да ставате поквалитетно дизел гориво, или да користите превентивно адитиви кои имаат задача преку третирање на горивото да овозможат подобро согорување на тврдите честички, со што се намалува количината на саѓи и нечистотии со кои филтерот се полни и затнува.

Кај нас, во последно време, се нудат сервисни услуги со кои се прави и целосно отстранување на dpf-от. Oваа постапка, која е во суштина нелегална, ако не е следена и со софтверска корекција на борд компјутерот ќе предизвика сериозни проблеми во возењето кои пак може да резултираат и со сериозен дефект на моторот.

Реклама