VW бара отштета од поранешниот шеф од 1 милијарда евра

50
Фото - VW Press

Според последните информации кои пристигнуваат од Германија, Volkwagen покренал тужба во која од својот поранешен шеф (генерален директор) Мартин Винтеркорн, бара отштета во вредност од неверојатни 1 милијарда евра.

Отштетата се бара поради замешаноста на Винтеркорн во најголемата афера во автомобилскиот бизнис во последните години која го носеше името Дизелгејт.

Најголемата афера во автомобилската индустрија

Аферата дизелгејт беше откриена за прв пат во Соединетите Американски Држави во септември 2015 година.

Во тој момент контролорите го објавија резултатот на своите истражувања според кои автомобилите на VW имале вградено специјален софтвер, кој ги лажирал резултатите на тестовите на издувна емисија во станиците за технички преглед.

Софтверот се активирал при секоја посета на станицата за технички преглед и ја намалувал неколкукратно емисијата на азотни оксиди, а кога автомобилот ќе излезе на отворен пат, вредностите на емисијата оделе многу над дозволените граници.

Според VW, оштетата од Винтеркорн се бара затоа што тој знаел за целата измама според интерни извори во компанијата уште во јуни, истата година но не реагирал. Исто така, во почетокот тој не ја признавал вината поради што VW бил многу посериозно казнет од регулаторите во САД.

Отштета се бара и од директорите на Audi и Porsche, но во помал износ.

Има ли Винтеркорн милијарда евра?

Би било чудно Винтеркорн да ја извади таа милијарда од своите сметки, бидејќи се претпоставува дека од финансиска гледна точка не тежи толку.

Но барањето за оштета, кај директорите во големи европски и светски корпорации, обично се наплатува од осигурителните полиси кои директорите ги вадат во големи осигурителни икомпании, токму за да се заштитат од вакви спорови.

Извештаите велат дека и Винтеркорн има ваква полиса во Швајцарија, но на вкупна оштетна вредност од околу 500 милиони евра.

Проблемот е што овие полиси обично немаат важење и не се наплатливи, ако се работи за измама.