Увозот на половни возила во Македонија пораснал за 127%

76
Продажба на нови возила. Фото - Freepik

Според официјалните податоци објавени на веб страната на Царинската Управа, во Република Македонија во првите 4 месеци се увезени и оцаринети, вкупно 14.766 автомобили од кои :

  • 1.798 нови патнички автомобили
  • 11.681 користени патнички автомобили
  • 266 нови товарни возила
  • 957 користени товарни возила
  • 8 нови автобуси и минибуси
  • 66 користени автобуси и минибуси

Ако ги споредиме податоците со истиот период минатата година, можеме да го констатираме следното :

  • Пазарот на нови патнички автомобили (1.798 возила во 2021) наспроти новопродадените возила во 2020 година – 1.606 возила, бележи мал пораст од 192 автомобили (или пораст од 12%). Разликата ја прави продажбата во месец април, која во 2020 година изнесуваше 205 возила / наспроти 450 нови патнички автомобили во 2021 година.
  • Пазарот на користени патнички возила е во позитивна експлозија (11.681 во 2021 година) наспроти увезените и оцаринети користени возила во истиот период во 2020 година – 5.145. Тоа значи дека пазарот на користени возила пораснал за 127%.
  • Пазарот на нови товарни возила (266 возила во 2021) бележи солиден пораст од 37%, споредено со 2020 година кога беа продадени 195 нови товарни возила.
  • Пазарот на користени товарни возила (957) има сличен тренд како и кај патничките користени возила. Во 2020 година бо првите четири месеци биле продадени 516 возила што претставува пораст од 85%
  • Пазарот на нови автобуси и минибуси, останува на ниво на статистичка грешка – со само 8 новоувезени и оцаринети нови автобуси, но споредено со само 2 нови автобуси во минатата година, зборуваме за пораст од 300%
  • Пазарот на користени автобуси и минибуси, забележува бројка на 66 оцаринети возила, наспроти – 53, во 2020 година (раст од 22%)

Ако треба да извлечеме некаков заклучок од посочените статистички показатели, јасно е дека во земјава продолжува да доминира пазарот на користени (половни) возила.

Продажбата на нови возила продолжува да дише на апарати за кислородна поддршка, додека увозот на користени е во експлозивен пораст.

Јазот помеѓу продажбата на нови и користени возила пораснал во 2021 година. Според евидентираните бројки, во најинтересниот сегмент на патнички моторни возила во кој се продадени вкупно 13.479, новите возила учествуваат со само 13%… или грубо кажано на секое едно ново возило, биле увезени и оцаринети и 9 користени.

Ваквите податоци секако не и одат во прилог на нашата екологија.

Продолжува трупањето на користени возила меѓу кои, голем дел се со сомнителна историја, еколошки и безбедносни перформанси, а не гледаме ни како би и одела во прилог на економијата кога голем дел од користените возила сеуште се продаваат на недоволно регулираниот “сив” пазар.