Дефиницијата за петте функции на менаџментот на Фајол (во која како функции на менаџерите се издвојуваат – планирање, организирање, управување, координација и контрола) – е сосема точна.
Но ако истите ви изгледаат премногу теоретски и воопштено, Хенри Минцберг, откако поминал една недела со пет врвни менаџери во Соединетите Американски Држави, изработил една студија во која ги дефинирал основните улоги на менаџерите.
Истите се поделени на
- Интерперсонални улоги
- Информациони улоги и
- Улоги во одлучувањето.
Интерперсонални улоги
Секојдневната пракса на менаџерите се состои од многу контакти и интеракции со луѓето. Проценките велат дека менаџерите поминуваат од две третини, до четири петтини од своето време во директна комуникација со други луѓе.
Интерперсоналните улоги, Минцберг ги поделил во три основни подулоги – глава на куќата, лидер и лице за контакт. Како глава на куќата, менаџерот има задача да ја претставува организацијата која ја води, да прима и разговара со гости од партнерски компании, да држи говори, отвара нови подружници. Како лидер, менаџерот има задача да ги мотивира и води работниците до остварување на заедничките цели. Како лице за контакт, менаџерот е врска на компанијата со надворешниот свет.
Информациони улоги
Информационите улоги на менаџерот се состојат од улогите – набљудувач на случувањата, интерен давател на информации и портпарол. Како набљудувач на процесите (контролор) менаџерот активно собира информации од средината во која се наоѓа. Собира информации од организацијата, одделенијата тимовите, но и од надворешната средина (весници, портали, специјализирани магазини и сервиси) од кои се информира за случувањата во надворешниот свет, конкуренцијата, потребите и барањата на клиентите. Во улогата на давател на информациите, менаџерот на своите соработници им ги презентира информациите и сознанијата до кои дошол. А во улогата на портпарол, менаџерите им доставуваат информации на луѓето надвор од организацијата.
Улоги во одлучувањето
А што се однесува до улогите во одлучувањето – тој ги има подулогите да биде претприемач, личност за решавање на проблемите, алокатор на ресурси и преговарач. Како претприемачи, менаџерите во носењето на одлуките – реагираат брзо, динамично и храбро, во согласност со информациите со кои располагаат и евентуално препознаените потенцијали на пазарот. Во динамичното опкружување, секоја компанија се соочува со голем број на проблеми. Менаџерите се оние кои проблемите ги решаваат. Од нив тоа го очекуваат сопствениците, акционерите, менаџерите, вработените, клиентите, добавувачите… сите.
Во улогата на алокатор на ресурси. Менаџерите носат одлука кое одделение или проект ќе добие ресурси – и во кој износ и комбинација.
Во улогата на преговарач, менаџерите се наоѓаат сеојдневно. Со добавувачите, купувачите, работниците, проектите… Токму затоа е исклучително важно менаџерот да е и добар преговарач.