Знаењето е жива материја. Тоа мора да се негува и развива. Човекот мора да го развива своето едукативно и професионално CV.
Мора да учи, да се надградува, да се едуцира, да ги зголемува и развива своите знаења и вештини. Учењето претставува процес што се спроведува во текот на целиот живот. Во спротивно, времето и новите технологии ќе ве прегазат.
Вашиот систем за менаџмент на човечки ресурси треба максимално да се грижи за развивање на човечкиот потенцијал, да ги планира, спроведува и контролира обуките и тренинзите со кои вработените во вашата организација ќе се развиваат континуирано.
Системот треба да ги воочи знаењата на работниците. Да ги евалуира нивните силни и послаби страни.
Силните страни треба да се освежуваат и развиваат. Преку континуирани обуки и едукации треба да се развива и освежува знаењето на вашите менаџери, раководители, шефови, професионални и квалификувани работници. Она што е денес актуелно, веќе утре може да биде неприменливо. Затоа работниците мора да се едуцираат и да го развиваат својот мозок. Исто како што мускулите атрофираат доколку не се вежба, така и мозокот може да ја загуби својата моќ доколку постојано не се полни со нови и свежи знаења.
Менаџментот на човечките ресурси, треба да го планира и спроведува едуцирањето на секој работник. Дел од овие обуки, едукации и семинари треба да бидат задолжителни. Работниците мора да ги следат, а во одредени ситуации и да го потврдат своето знаење преку тестирања.
Во оваа група на едукации, може да се вбројат семинарите, кои секој сервисен инженер и квалификуван сервисен работник во овластениот сервисен центар треба да ги помине за да ги научи методите за квалитетно, професионално и ефективно одржување и сервисирање на најновите модели на автомобили.
Тука се вбројуваат задолжителните курсеви за ракување на најновата опрема и машини во производниот погон. Доколку луѓето не го владеат знаењето и вештините за ракување со оваа опрема и машини, последиците може да бидат многу сериозни.
Задолжителна може да биде едукацијата на новопримените работници во продажното одделение. Во неа новите работници добиваат информации за производите коит реба да ги нудат и продаваат на пазарот, методологијата и утврдената процедура за продажба (доколку постои таква).
Задолжителна, па и регулирана со закон може да биде обврската за одржување на семинар за прва помош и заштита при работа.
Другиот дел од обуките кои треба да ги обезбеди системот за менаџмент на човечките ресурси е изборен, доброволен. Со него може да се надградуваат работниците, да стекнуваат нови вештини кои во моментот не се неопходни за нивната работна позиција. Со овие курсеви и семинари, работниците доброволно ја згоелмуваат својата банка на знаењата.
Некогаш, токму овие обуки и семинари, менаџерите може да ги искористат како мотивациско средство. Ако го испратите вашиот вработен од производниот погон на обука за менаџмент, со тоа го зголемувате неговото знаење, но истовремено му давате до знаење и дека ја вреднувате неговата работа, а дополнително го гледате во својата раководна структура. Го носите на тој пат.