Во дизајнирањето на своите чекори за мотивација на работниците, најдобар модус кој можете да го искористите е да се ставите себеси во улога на работниците за кои сте одгворни.
Што би сакале Вие да добиете од вашиот претпоставен како награда за успешно завршената работа?
Бонус? Награда? Патување? Респект? Пофалба? Едукација? Унапредување?
Најдобриот систем за наградување на најдобрите работници, кои јас ги нарекувам ѕвезди е оној систем кој ги комбинира сите горенаведени елементи.
Не заборавајте, дека сите работиме за пари. Парите ни го обезбедуваат неопходниот мир, спокојство и комфор во секојдневниот живот.
Со повеќе пари, можеме да бидеме подобри, побезбедни, поспокојни и да ги оправдаме пред себе и пред членовите на нашето семејство дополнителните часови поминати на работното место. Според тоа, најважниот систем на наградување и мотивација сеуште се дополнителните финансиски можности и парични бонуси.
Заклучно на ова, мојот совет е многу едноставен. Наградете ги вашите ѕвезди. Не двоумете се и размазете ги најдобрите, затоа што од нивните постигнувања и перформанси директно зависат и постигнувањата и перформансите на вашата компанија.
Немојте да дозволите да бидете скржав. Наградете ги вашите вработени согласно нивниот учинок во фирмата. Врз база на транспарентниот систем за вреднување на работниците, измерете го нивниот учинок и наградете ги. Особено нградете ги оние кои со своите резултати отскокнуваат од останатите. Тоа дополнително ќе ги стимулира, ќе ги мотивира да остануваат уште подолго на работното место, да го вложуваат последниот атом од сопствената енергија во зголемување на производството, продажбата, задоволството на клиентите…
Основната грешка која во денешни услови ја прават некои менаџери е невоспоставувањето на линк помеѓу личните примања на работниците и нивните индивидуални остварувања. Ако работниците работат за еднакви месечни примања, без оглед на нивниот учинок и резултати, зошто оние кои се скроени да бидат ѕвезди би работеле и би се залагале повеќе од останатите? Тие ќе ги остваруваат само оние таргети неопходни за да го задржат своето работно место. Ништо повеќе. Toa e најдобриот начин да го згаснете жарот на Вашите ѕвезди.
Затоа, изградете и овде еден јасен и транспарентен систем.
Дефинирајте ги очекуваните таргети за секторот, одделението, секој вработен. Ова се основните таргети неопходни за да се покријат трошоците за оперирање и да се оствари профит. Ова се тагргетите кои секоја инстанца треба да ги оствари за да ги оправда својата плата, својот личен доход. Секое натфрлање над таргетите наградете го. Ставете го во релација со натфрлената сума. Искалкулирајте ја како паричен фиксен или варијабилен бонус.
На пример, доколку продажниот консултант треба да оствари минимален месечен промет од 10.000 евра, нека тој и сите останати работници во продажното одделение, знаат дека за секое натфрлање од овој минимален таргет ќе добијат 3% од натфрлањето. Тоа значи дека ако работникот остварил промет од 15.000 евра, на натфрлањето (5.000 евра) одобрете му бонус од 5% или награда од 150 евра. Се разбира, пресметката на процентот со кој ќе го надградите натфрлањето, дефинирајте го сами согласно производите кои ги продавате и маржата која ја имате пресметано во нив.
Во ваквата ситуација, добиваат сите.
И вашата компанија (остварила поголем промет и профит од планираното) и работникот (остварил поглеми месечни примања, па логично е да се очекува дека ќе го одржи и во иднина своето темпо на прекувремена работа).
Но внимавајте, еднаш креираниот систем за наградување, морате да го испочитувате. Ако на вашиот работник не му ги исплатите очекуваните 250 евра, со тоа ќе ја ничкосате неговата мотиваија и волја за спектакуларни продажни резултати.
Оние кои се подобри, повешти, инвестираат во себе и својата работа повеќе ресурси (време, пари, енергија) морате да ги наградите повеќе од просечните или лошите работници. Доколку не го направите тоа, бидете сигурни дека ќе остварувате просечни или лоши резултати и многу брзо ќе ги загубите или згаснете вашите ѕвезди.
Помалку страшно за вашиот бизнис е ако си заминат просечните или лоши работници. Доколку се тие незадоволни од вашата политика на наградување и стимулирање (не им се допаѓа што вашите ѕвезди ги наградувате многу повеќе од нив), можеби е подобро и за нив и за вас да ја сменат работната средина. Да ја побараат организацијата во која луѓето не се мерат според своите индивидуални учиноци за одделението, секторот, компанијата.
Но уште еднаш би сакал да потенцирам. Системот за наградување и стимулирање треба да е јасен и транспарентен. Треба да им е на увид на сите работници. Треба да важи за сите. Треба да им даде можност на сите да ја остварат можноста за дополнителен приход. И на крајот, воведениот систем за наградување мора да се почитува. На овој начин луѓето ќе знаат зошто нивниот колега носи одело Armani, носи часовник Rolex, вози скап Mercedes и живее во луксузниот дел од градот, додека тие не знаат како да ги покријат своите месечни трошоци. И ќе го прифатат тоа. Затоа што и тие ја имале истата шанса. И самите можеле да станат ѕвезда, но не успеале во својата цел.
Овој систем е фер и коректен.
Воведете го и практикувајте го.