Стратешки менаџмент

21

Стратешки менаџмент е континуиран процес преку кој менаџерите дефинираат насока кон која ќе се движи организацијата, ги дефинираат целите и ги алоцираат ресурсите со кои ќе се остварат целите на долг рок.

До шеесетите години на дваесеттиот век, терминот стратегија бил главно поврзуван со воената терминологија.

Како резултат на трудот на консултантите Питер Дракер и Брус Хендерсон, создаден е и терминот стратешки менаџмент – како процес кој ќе ја донесе компанијата од сегашното, до следното посакувано ниво.

Процесот започнува со прибирање на информации, изготвување на анализа како и согледување на сите надворешни фактори кои заедно ќе придонесат да се формулира и воведе стратегијата за настап.

Откако менаџерите ќе ги утврдат опциите кои им стојат на располагање, тие ги дефинираат долгорочните цели (стратегијата) која е базирана на можностите на компанијата. Основното правило гласи – ако се сака стратегијата да успее, во нејзината формулација и имплементација треба активно да учествуваат вработените.

Главната цел на стратегијата во компанијата е да се создаде конкурентска предност. А конкурентската предност се создава кога сопствените ресурси (средства, пари, знаења, процеси) ќе се искористат за да им се понуди на клиентите поголема вредност од онаа која што ја нудат конкурентите.

Притоа, треба да се знае дека стекнатата конкурентска предност не е вечна.

Ако сте имплементирале некаква новина, која Ви донела нов успех и добри резултати, очекувајте дека вашите постоечки, па и нови конкуренти, веднаш ќе се обидат да го ископираат Вашиот модел. Затоа се вели дека компанијата има добра конкурентска предност кога вовела стратегија која конкурентите не можат ја ископираат или кои ќе оценат дека копирањето ќе ги чини прескапо.

Во градењето на стратегијата, три моменти се издвојуваат како клучни

  • Процена за потребата за стратешка промена,
  • SWOT анализа
  • Избор на стратешки алтернативи.