Компаниите кои ја избираат стратегијата – Лидер на трошоците, се ориентирани кон агресивно намалување на сопствените фиксни и оперативни трошоци. Кога компанијата ќе успее да ги минимизира своите трошоци до најниско можно ниво во рамки на индустријата, таа ќе може да ги формира и најниските продажни цени на пазарот. На тој начин, компанијата може директно да ги нападне и освои оние клиенти кои се ценовно најчувствителни и кои цената ја сметаат за апсолутен и пресуден фактор за избор на својот добавувач.
Ваквата стратегија може да се употреби активно – преку директен напад на конкурентските компании на пазарот за освојување на поголем пазарен уддел (маркет шер), или реактивно – кога компанијата преку ниските трошоци и ниските продажни цени се бори со својот поголем и помоќен конкурент.
Стратегијата Лидерство на трошоците, значи континуирана битка на менаџментот со сите трошоци кои не се неопходни за непречено функционирање на бизнисот. Трошоците на производството, маркетингот, дистрибуцијата.
Типичен пример за примена на стратегијата на лидерство на трошоците се големите маркети Wall Mart во Соединетите Американски Држави во кои може да се набават производи за широка потрошувачка, Шведската компанија за производство на мебел IKEA каде сами морате да го склопите купениот мебел, нискобуџетните авио компании (Easy Jet) кои ги освојуваат своите клиенти исклучително преку цената, максимално намалувајќи ги своите трошоци за маркетинг, продажба, персонал…
Преагресивната стратегија на лидерство на трошоците може да предизвика и несакани последици за компанијата. Во континуираната потрага по производите, суровините и услугите со најниски можни цени, компанијата може да заборави на квалитетот на своите производи и услуги, со што ризикува да ги загуби своите клиенти на долг рок.
Исто така, доколку компанијата се соочува со моќни конкуренти, стратегијата за лидерство на трошоците може да предизвика агресивна ценовна реакција на пазарот која ќе резултира со беспоштедна ценовна борба иминимизирање на профитабилноста за сите.