На прсти се бројат автомобилските брендови во светот кои со купување на нивните автомобили ви отвараат нов свет на елитни доживувања, како што тоа го прави Италијанскиот супербренд – Ferrari.
Токму тоа е и целта на маркетинг експертите во Ferrari – oколу брендот да изградат престиж, страст и чувство за припаѓање на една специјално избрана, мала елита на луѓе.
За клиентите се дизајнираат специјални настани, на кои се учествува само со покана, а во ризницата на Ferrari меѓу најпознатите евенти од овој тип се – Challenge race series (Специјалнo oрганизирани трки за сопствениците на Ferrari во кои секоја година учествуваат околу 1.000 ентузијасти) или F1 Clienti track-car програмата во која фановите може да купат автомобил со едно седиште и да се тркаат на специјални авто спортски патеки.

А кога зборуваме за елитните настани во организација на Ferrari, на самиот врв е четиридневниот рели настан кој секоја година се одржува во различни региони во Италија наречен Cavalcade. И на кој, погодувате, може да се дојде само со специјална покана врачена од врвните луѓе во менаџментот на Ferrari.
За да ја добиете поканата за овој специјален настан, еден од основните услови е да имате купено неколку модели од најскапите спортски автомобили на брендот, со што добивате VIP статус.
А кога ќе ја добиете поканата, потребно е да уплатите уште околу 26.000 eвра по возило, со што се покриваат трошоците на луксузниот настан.
На тоа, VIP гостите од другите прекуокеански земји, треба да ги платат и трошоците за транспорт на нивниот автомобил во Италија, трошоците за патување (авион) и трошоците за сместување надвор од деновите на настанот (за себе и за сопатникот).

Но, овие трошоци воопшто не ги колебаат привилегираните сопственици на Ferrari. Напротив, најголемиот дел од поканетите, не само што присуствуваат на годишниот собир, туку и целиот свој летен одмор го планираат и организираат околу овој настан.
А на случувањето, околу 100-на најретки модели од гамата на Ferrari минуваат по специјално избрани патеки во најубавите предели и уникатниот пејсаж на Италијанските туристички центри.
Притоа, за безбедноста на конвојот се грижат локалните полициски службеници.
По патеката се организираат и повеќе станици (запирања) на кои возачите добиваат освежување, кафе и закуска, а минувањата на возилата низ Италијанските градови се проследени со огромен публицитет и претставуваат вистински туристички спектакл. Уникатна можност, на едно место да се видат најдобрите, најретките и најскапите автомобили на Ferrari.
Ручеците најчесто се организираат во приватни вили, со феноменална храна и освежувања.
А вечерите се луксузни и спектакуларни, со музика, koнцерти, забава, шоу, танчери и танчерки, спектакуларни огномети…понекогаш и на плажи осветлени со светлината на месечината.

Затоа… според луѓето на Ferrari, не станува збор дали избраните ВИП гости се подготвени да присуствуваат и да го платат овој годишен настан.
Според упатените, многу е поголем проблемот за сопствениците, ако по ова спектакуларно доживување, за следната година, не ја добијат очекуваната покана.
Погледнете го видеото… и за миг… видете како изгледа овој спектакуларен настан организиран само за Ferrari елитата во светот.