Што донесоа изборите за ЕУ Парламентот?

30

Изборите за претставници во ЕУ Парламентот завршија.

Сеуште се сумираат конечните резултати, но според она што досега е преброено, ситуацијата стои вака :

Од вкупно 720 парламентарци, највеќе претставници во ЕУ Парламентот ќе имаат припадниците на ЕПП (185). Но она што секако ќе ги одбележи изборите е силниот пораст на ултрадесничарите, задржаната позиција на Центристичките партии и падот на социјалдемократите и Зелените.

Сериозен потрес во Франција

Најсериозен потрес изборите предизвикаа во Франција, каде Макрон забележа огромен пораз и како резултат на тоа, прилично неочекувано, веднаш распиша нови предвремени парламентарни избори.

Коалицијата на Претседателот Макрон освои само 14,56 проценти од гласовите, а десницата предводена од Марин Ле Пен повеќе од двојно гласови, или 31,47%. Со тоа, Групацијата на Ле Пен освојува 30 парламентарци, а Преродба на Макрон – само 13, колку што има и Социјалистичката Партија.

Maкрон

Во драматично обраќање до јавноста, Макрон изјави дека одлуката која ја носи е тешка, но мора да се направи, бидејќи очигледно, расположението на граѓаните е такво. Како што изјави, партиите и групациите кои ја бранеле Европската Унија претрпеле сериозен пораз во Франција, но и во други земји и затоа, целиот концепт треба да оди на сериозна проверка.

Дел од аналитичарите сметаат, дека овој потег на Макрон е тактички, и дека анализите на неговите советници веројатно велат дека ако веднаш се распишат парламентарни избори, ќе дојде до пресврт, ќе се мотивираат дополнително загрижените граѓани и оние кои не ја сакаат или се плашат од десницата.

Впрочем, веднаш по објаватана резултатите, синоќа се одржаа масовни протести во Париз, на кои анти десничарите, извикуваа слогани против десничарските и националистички противници.

Дополнително, со овој блицкриг, тој веројатно сака да ги фати опозиционерите недоволно подготвени за парламентарни избори… но дали овие проценки се реални, останува да видиме…

Огромен пораз на Шолц во Германија

Коалицијата на Социјалдемократите во Германија, предводена од канцеларот Олаф Шолц, освои само 14% од гласовите, што е и најлошиот резултат во историјата на оваа партија и нејзините коалициски настапи.

Апсолутна победа остварија конзервативците CDU-CSU со 30% од гласовите, а на второто место е крајната десница AfD со 16% од гласовите (резултат кој е изненадувачки, ако се земе предвид дека во последните месеци десницата ја следеа сериозни скандали, па и судски процеси за дел од нејзините припадници и симпатизери).

За разлика од Макрон, Шолц изјави дека нема да тргнат по чекорите на францускиот претседател и нема да распишат предвремени избори. Според него, изборите ќе бидат во редовниот рок, а тоа е следната есен.

Во Италија победија десничарите

Браќата на Италија, предводени од Мелони освоија 29% од гласовите, но солидни 24% (пораст за 5%) освои и опозиционата Лева Демократска Партија.

И едните и другите беа задоволни од постигнатите резултати.

Во Унгарија победи Орбан

Партијата на Виктор Орбан извојува победа во Унгарија, но истата беше со резултат послаб од очекуваното. Тој освои 43,5%, а неговите водечки протвници на политичката сцена Почит и слобода (ТИСЗА) предводени од Петар Маѓар освоија 31% и се наметнаа како сериозен конкурент.

Реклама